Излевањето фекалии во Охридското езеро не било поради дефект на Колекторот
По снимките и фотографиите кои Алсат ги објави, а на кои се гледа како фекална вода се влева во Охридското езеро, кај населбата Грашница во Охрид, од Јавното претпријатие Колекторски систем велат дека излевањето не е поради дефект на Колектрскиот систем, што го утврдил и вонредниот надзор на Државниот инспекторат за животна средина.
„Проблемот во населбата Грашница во овој момент е самата река Грашница. Нашиот испуст е на 200 метри од вливот на реката Грашница. И самата слика го покажува тоа. Најголем проблем е не одделеноста на секундарната од атмосферската канализиција. Тоа е најголемиот проблем“, рече Владимир Алексиески-директор на ЈП Колекторски систем.
Решение на проблемот е одделување на фекалната од атмосферската канализација. На Само 20% од територијата на Охрид е решено ова прашање, кое е под надлежност на локалната власт.
Локалните угостителски објекти, бараат итно решавање на проблемот.
„Дваесет години ние апелираме, зборувме и некако нема резултат. Населбата Воска е станата и туристичка атракција.Сите објекти кои овде функционираат имаат штета од тоа што се влева во езерото, но не по наша вина. Ќе го повикаме и градоначалникот и централната власт да го санираат тоа, бидејки штети на цела населба, особено кога ќе има повеќе дождови“, рече Муса Рашид-сопственик на хотел.
„Ова е клучен проблем затоа што многу често се случуваат и заразни болести, стомачни болести,имаме такви информации од гостите што доаѓаат овдека“, рече Борче Стојаноски-еколошко друштво Грашница.
Од Грашница велат дека е недозволиво вакво нешто да се случува во 21 век, уште повеќе ако се знае дека Охрид е под сериозен притисок на УНЕСКО, да ги реши сите наталожени проблеми.
Мики Трајковски