Србија донесе препораки за заштеда на струјата за 15 отсто

Министерството за рударство и енергетика на Србија денеска донесе препораки до државната администрација, единиците на локалната самоуправа, државните претпријатија, стопанството и домаќинствата да ја намалат потрошувачката на струја и топлинска енергија, со што треба да се овозможи намалување на потрошувачката на енергија за 15 отсто во однос на истиот период лани, јави допсиникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од ова министерство, кога станува збор за домаќинствата, предложените препораки се однесуваат на порационално користење, пред се на електричната енергија, а во препораките се предлагаат меѓу останатото и гаснење на светлата, ефикасните начини за користење на бојлерите, веш машините, грејните тела, начините за ефикасно готвење и други.
Кога станува збор за локалните самоуправи, органите на државната управа, државните претпријатија, јавните установи и стопанството, предложените препораки се порационално користење на јавното осветлување, ограничување на употребата на декоративното осветлување на јавните објекти, користење ЛЕД осветлување, замена на дрвенаријата и генерално подобрување на енергетската ефикасност, поставување соларни панели, префрлување од електрично греење на друг тип на греење и користење топлински пумпи, што треба да овозможи намалување на потрошувачката на енергија за 15 отсто во однос на истиот период лани.
Од ова министерство предлагаат препораки до сите јавни претпријатија да направат план за заштеда на потрошувачката, а ЈП во енергетскиот сектор да направи планови за намалување на загубите во дистрибутивната и преносната мрежа.