ЗДРАВСТВО

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ВЛОЖУВА ВО ИДНИНАТА НА МАКЕДОНСКАТА ОДБОЈКА

Медицинскиот тим на болницата ќе се грижи за подготвеноста на младите одбојкарки на „Газели волеј“ и „Форца волеј“.

Како еден од најголемите поддржувачи на македонскиот спорт, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ стана медицински спонзор на двата одбојкарски клубови „Газели волеј“ и „Форца волеј“. Преку оваа соработка, младите и талентирани одбојкарки добиваат уште еден сериозен сојузник на патот до големите спортски успеси и достигнувања. Медицинската екипа на болницата се става на располагање за нивна спортска подготвеност, како и за третман и превенција на спортски повреди.

„Сакам да искажам благодарност до ’Аџибадем Систина’ што ги препозна квалитетот и трудот што го вложуваат целиот тим на ’Газели’ и што станува дел од нашата приказна. Ние сме млад клуб и наша главна цел е да вложуваме во млади одбојкарки и да им овозможиме најдобри услови, со цел да ги исполнат своите соништа. Исто така, наша цел е да го подигнеме квалитетот на македонската одбојка на највисоко ниво. За таа цел, го создадовме единствениот дом на одбојката, спортската сала ’Форца’, која е целосно реновирана и посветена на развојот на овој спорт. Искрена благодарност до болницата ’Аџибадем Систина’, која ќе биде главната поддршка и помош на одбојкарките и нивните родители во нивниот правилен раст и развој во врвни одбојкарки“, изјави Ана Пејовска, тренер на „Газели волеј“ и „Форца волеј“.

Медицинскиот тим на болницата ќе биде задолжен за подготвеноста на одбојкарките, пред сѐ, за превенција на спортски повреди и нивен третман.

„’Аџибадем Систина’ е бренд што долги години помага и инвестира во спортистите. Ова се млади девојки што се исклучително талентирани и сметаме дека со наша помош и поддршка дополнително ќе придонесеме за нивниот развој во професионални спортисти. Капацитетите на спортскиот центар ’Премиум’, делот за фитнес и делот за физикална терапија и рехабилитација и целокупнуот тим задолжен за третман на спортски повреди се ставени на располагање на младите одбојкарки. Се надевам дека ќе бидеме заедно долги години и ќе имаме успешна соработка“, изјави д-р Михајло Ивановски, ортопед.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ континуирано вложува во развојот на спортот, преку бројни спонзорства на македонските клупски и репрезентативни тимови, како и на спортски индивидуалци, кои со своите резултати ја испишуваат историјата на македонскиот спорт. Особено сме горди кога застануваме како поддршка зад млади спортисти и даваме шанса за понатамошен развој на различни сегменти во спортот.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button