ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Актуелната епидемиолошка слика овозможува Собранието полека да се враќа во нормала

Собранието може да се врати во нормално функционирање доколку се почитуваат мерките. Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети вели дека епидемиолошката слика овозможува бавно враќање во нормала, но не без почитување на потребните мерки.

„Институтот постојано ја следи состојбата со вирусот во Собранието и утврдено е дека нема случаи на ширење или пренесување. Работата на Собранието треба да продолжи бидејќи се носат одлуки кои се важни за државата. Треба да се почитуваат препораките кои се во сила“, рече Шабан Мемети, директор на ИЈЗ.

Иако Парламентот начинот на работа го организираше со свикување на пленарни седници во големата свечена сала на кровот и со механичко гласање, во некои комисии мерките не се почитуваат. Некои пратеници носат маски, но не држат растојание.

Од Собранието денеска не кажаа дали врз основа на епидемиолошката слика, побарале или ќе побараат мислење од Комисијата за заразни болести за можноста седниците повторно да се одржуваат во вообичаената сала за пленарни седници. Анти-ковид мерките ја реорганизираа работата на Собранието и ограничија некои активности. Најпогодени се медиумите на кои им е ограничен пристапот и со тоа ја немаат можноста да ги следат дебатите во работните тела и да учествуваат во пленарната сала.

Иницијативата на претседателот на Собранието за изменување и дополнување на Деловникот со цел да им се овозможи на пратениците да гласаат и да дебатираат од дома заглави во собраниската процедура како резултат на илјадниците амандмани што ги предложи опозицијата.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button