ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Аларм поради поскапувањата, се бара активирање на државните резерви

Итно активирање на државните стокови резерви за да се ублажи ценовниот шок. Владата веќе доцни со ваквата интервенција по низата барања од страна на стопанството, велат од Сојузот на стопански комори. Со користење на дел од стоковите резерви ќе се ублажи зависноста од увозот на суровини и храна и ќе се амортизира поскапувањето на основните прехранбени производи. Зголемување на домашното производство на храна и помош на компаниите за електричната енергија се клучот на долг рок земјава да излезе од оваа криза, велат од комората.

„Мелничко-пекарската индустрија подолг временски период бара интервенција од државните резерви. Нас не ни е јасно зошто нема таква интервенција? Може владините структури имаат други методологии на нивно активирање, но ние сметаме дека тие резерви служат во ситуации кога има недостатоци на пазарот или високи ценовни шокови“, рече Трајан Ангелоски- Претседател на Сојуз на стопански комори.

Засега Владата нема донесено нови мерки за да ги активира наместо намаленото ДДВ и замрзнатите маржи, кои од вчера престанаа да важат. Итна интервенција од власта бараат и од комората на Северозападна Македонија зашто сметаат дека парите коишто се одвоени во ребалансот за справување со кризата се малку.

„Ваквиот пристап не е економски, па дури со овие минимални средства пристапот не е ниту социјален. Предвидени се 76 милиони евра за граѓаните и стопанството кои, имајќи ја предвид ситуацијата и околностите, за бизнисот и за граѓаните овие средства не се доволни. Сето ова покажува дека Владата нема конкретен одговор за кризата што ја зафати и нашата земја“, велат од Стопанска комора на северозападна Македонија.

Од Министерството за финансии денеска на речиси идентичен начин го повторија вчерашниот владин став. Мерки ќе имало, но откако ќе се усвои ребалансот на буџетот. Сепак, уште отсега се најавува дека тие ќе бидат таргетирани за заштита на најранливите категории на граѓани. Од вчера лебот, брашното, шеќерот, зејтинот, оризот, млекото се продаваат за 5 до 10 денари поскапо.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button