ВЕСТИЕКОНОМИЈА

ЕВН го објави тендерот за струја, рокот истекува на 24 јуни

Започна финалниот процес за формирање на новата цена на струјата. ЕВН Хоум го објави тендерот за набавка на електрична енергија за периодот од јули до декември. На тендерот може да конкурираат и странски компании, но пониска цена од онаа што ќе ја достават државните електрани, ЕСМ, не се очекува да достави ниту една друга.

„Сите производители, трговци и снабдувачи кои имаат склучено рамковен договор со ЕВН Хоум имаат право на учество. Рокот за доставување понуди е до 24.06 во10 часот“, наведоа од ЕВН ХОУМ.

Според правилата, оваа година е предвидено државните електрани да учествуваат со 60 отсто од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, кој ги снабдува граѓаните и малите компании. Засега од ЕСМ велат дека е рано да кажат колку струја ќе обезбедат и по која цена ќе ја понудат на тендерот на ЕВН.

Од ЕСМ велат дека сè уште прават анализи за тоа колкаво количество на електрична енергија ќе може во следните шест месеци да произведат државните електрани. Потоа ќе следува период во кој ќе се анализира по која цена државните електрани ќе ја продаваат на Универзалниот снабдувач којшто треба да ја дистрибуира до домаќинствата. Последниот збор за цената ќе го има Владата.

Понудената цена од страна на ЕСМ има најголемо влијание во крајната цена за домаќинствата. Во декември лани, иако ЕСМ имаше обврска да покрие 70 од потребите, владата реши да обезбеди 100 отсто од потребната струја и тоа по цена од 41 евро за мегават час. Сега цената на меѓународните берзи се движи од 230 до 250 евра за мегават.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button