МАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Албанија и Косово реагираат позитивно на американското барање за Авганистанците

Талибанците го нападнаа Кабул, главниот град на Авганистан, изјави претставник на Министерството за внатрешни работи, кога САД со хеликоптер ги евакуираше дипломатите од својата амбасада. Високиот претставник, за новинската агенција Ројтерс изјави дека Талибанците доаѓаат „од сите страни“. Талибанците, пак, рекоа дека им наредиле на своите војници да останат пред портите на Кабул и да не влегуваат во градот додека не заврши процесот на евакуација. Кабул е последниот голем град кој се уште е под контрола на владините сили. Талибанците веќе го зазедоа и Мазар-и-Шариф, како и вториот по големина град Кандахар и третиот по големина град Херат во последните 48 часа. Претседателот Џо Бајден, пак, рече дека овластува распоредување дополнителни американски војници за да се обезбеди безбедна евакуација на американскиот и другиот сојузнички персонал, како и на сите Авганистанци кои им помагале.

Министерството за надворешни работи во Скопје соопшти дека во Авганистан има околу 110 македонски државјани и дека сите се на безбедни локации. Од министерството на Османи велат дека нивните роднини покажале интерес за ситуацијата во Авганистан, но не е побарана помош за нивното повлекување. Тие велат дека некои од пријателските земји изразиле подготвеност да бидат достапни за граѓаните на Македонија во случај на организирани летови за евакуација

„Околу 100 наши граѓани се идентификувани како присутни во Авганистан и засега сите се на безбедни локации. Според најновите информации што ги добивме од компаниите што ги ангажираат вработените, тие не се соочуваат со тешкотии и резервиран е лет за евакуација на нивните вработени, додека некои од нив се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е дискутабилен“, изјавија од Министерство за надворешни работи.

Иако од нашата земја не беше побарано да ги засолни авганистанските политички мигранти, Албанија одговори позитивно на американското барање. Албанскиот премиер Еди Рама потврди дека во последните денови Владата на Соединетите држави побара од Албанија да служи како транзитна земја за авганистанските политички мигранти.

„Несомнено дека нема да кажеме не, не само затоа што тоа го бараат нашите големи сојузници, туку затоа што ние сме Албанија. Албанија е дом на Албанците и ниту со Канон, ниту со обичај, ниту со морал, ако сакате, не им ја трескаме вратата на непознатите што тропаат за заштита“, напиша Рама на социјалната мрежа Фејсбук.

Владата на Косово соопшти дека од средината на јули, тие биле во комуникација и соработка со американските власти, околу можноста за сместување на Авганистанци кои соработувале со Соединетите држави. Шефот на кабинетот на премиерот Курти, Луан Далипи, за Радио Слободна Европа рече дека „се ќе заврши добро“.

„Има многу логистичко – технички, безбедносни и социјални работи, со кои внимателно се справуваме. САД се нашиот главен сојузник и наш стратешки партнер“, рече Далипи.

Многу Авганистанци кои работеле со странските сили се плашат од одмазда на талибанските милитанти за нивната работа. Американскиот Стејт Департмент објави нова програма која им овозможува на илјадници Авганистанци да се преселат како бегалци во САД. Илјадници Авганистанци кои ќе бидат дел од оваа програма треба да бидат преместени во трета земја и да чекаат од 12 до 14 месеци додека не се анализира целата апликација.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button