ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Албанската опозиција ќе ja оспори уставноста на изборот на Насер Зибери за народен правобранител

Насер Зибери од понеделник ќе ја започне својата должност како нов народен правобранител, но албанската опозиција вели дека веднаш штом Зибери ја преземе функцијата, до Уставниот суд ќе достават иницијатива за оценување на уставноста на неговиот избор на оваа функција. Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива инсистира дека изборот на Зибери е парадоксален и неуставен и очекува Уставниот суд да го потврди тоа.

„Во последната изборна кампања тој објави јавна покана за гласање на бројот 9. Во последната изборна кампања тој водеше кампања заедно со министри, пратеници, со целиот естаблишмент на ДУИ, што значи дека тој беше за нив, а треба да ги штити луѓето од институциите, чии водачи се токму оние луѓе со кои тој водеше кампања. Значи, тука нема логика. Нема нормална личност која верува дека тој е аполитички. Законот за народен правобранител налага лицето да биде целосно аполитичко, па затоа оваа иницијатива ние ќе ја доставиме до Уставниот суд“, рече Халил Снопче, АА.

Од друга страна, само неколку дена пред да замине во канцеларијата на народниот правобранител, Зибери рече дека нема да ја отфрли понудата на ДУИ доколку го постави на чело на извршната власт во последните 100 дена од мандатот на актуелната Влада. Иако тој призна дека би било разочарувачко напуштањето на функцијата Народен правобранител за друга функција. Инаку, на 26 јануари Собранието го назначи Зибери за нов народен правобранител.

Некои невладини организации реагираа, а претходно Алсат во неколку наврати известуваше и дека доцни и не е транспарентна постапката за распишување на конкурсот за избор на нов омбудсман. Огласот беше објавен само 3 недели пред истекот на мандатот на досегашниот правобранител, а според законот тој требаше да биде објавен најмалку 3 месеци порано.

Анеса Салиху

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button