ВЕСТИРЕГИОН

Амбасадорката на САД: „Не поддржуваме никоја определена партија во Албанија“

За време на нејзината посета на едно од избирачките места, американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, уште еднаш ја потсети албанската јавност дека поддршката на САД не се однесува кон некој од лидерите или политичка партија, туку за правото на глас на Албанците. Ким го пофали електронскиот систем за идентификација на гласачите, повикувајќи ги Албанците да гласаат без пречки и без страв.

Соединетите држави не поддржуваат политичка партија или политички кандидат, ние го поддржуваме правото на Албанците да гласаат. Навистина се надеваме дека секој албански граѓанин ќе се чувствува слободен да гласа подалеку од секаков вид пречки. Ова е ваш ден – изјави Јури Ким, Амбасадорка на САД во Тирана.

ЕУ ве гледа, беше пораката на евроамбасадорот Луиџи Сорека. Тој оцени дека изборите ја одредуваат и европската иднина на Албанија.

Денеска треба да излезете и да гласате, мора да го искористите не само правото на глас, туку и одговорноста да гласате. Ова е важен ден за Албанија и нејзината иднина во ЕУ. Внимателно ги следиме сите случувања. ЕУ ве гледа – нагласи Луиџи Сорека, амбасадор на ЕУ во Тирана.

Изборите ги следи мисијата на ОБСЕ-ОДИХР, а првата оценка на процесот се очекува утре. Изјавите на американската амбасадорка Ким доаѓаат два дена по жестоката дебата со претседателот Илир Мета, кој ја обвини дека се меша во внатрешните работи на Албанија. Ким предупреди дека повиците да се земат „секири и вили“ за да се заштити правото на глас, не треба да се толерираат и оти ќе одговараат сите кои поттикнуваат насилство.

Адриан Керими

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button