ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Скопје протест за ослободување на осудените за „27 април“, се бара амнестија

Повик за слобода на осудените за насилството во Собранието на 27 април 2017-та, но и распуштање на Собранието и одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните, се барањата кои беа упатени на протестот под слоганот „Слобода за уставобранителите“.

„Едно име имаме…. Никогаш Северна, само Македонија“.

Демонстрантите присутни на протестот беа едногласни во пораките за ослободување од вина на осудените за насилниот упад во Парламентот пред 4 години.

„Слобода за уставобранителите и праведно судење и паѓање на владата.“

„Мислам дека нигде во светот нема такви пресуди како кај нас. Катастрофа.“

На протестот присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, иако од партијата негираа дека тие се директни организатори на настанот.

Народот денеска е излезен во поддршка на луѓето што го бранеа Уставот, еден ден неправедно осуден човек е како цела вечност. Бидејќи имаме судска пракса за повторно отворање случаи, не гледам причина зошто овој случај не се преотвори, луѓето од слобода да имаат втора шанса да се бранат и да ја докажат својата невиност – изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Поддршка даде и претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски кој побара амнестија за осудените.

За сè она што се плашеа дека ќе се случи, а тоа промена на уставното име, промена на Уставот, двојазичност воведување на Македонија, како атак на иденттетот и врз јазикот – сè тоа се случи. Тие луѓе биле во право и ако некој вели дека го загрозиле уставниот поредок тој уставен поредок Зоран Заев и тие околу него го променија Уставот. Практично тие го бранеа постоечкиот Устав, а оние го напаѓаа – рече Стевче Јакимовски – ГРОМ.

Се обрати и оперскиот певец Игор Дурловски, кој беше единствениот обвинет, кој не беше осуден, туку ослободен од секаква вина.

Бараме Врховниот суд на Македонија да ги поништи пресудите против сите од настаните во Собранието на Македонија од 27 април 2017 и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите – рече Игор Дурловски, Ослободен од обвинувањата.

За денешниот протест реагираа од СДСМ, од каде оценија дека Мицкоски протестира за одбрана на насилството.

Поддржан од неговите соработници и извршители, Апасиев и Бачев, Мицкоски ги реализира нарачките од неговиот ментор од Будимпешта. Единствена цел на Мицкоски е да ги одбрани криминалите во редовите на неговата партија и неговиот шеф Груевски – нагласи Богданка Кузевска – портпарол на СДСМ.

Инаку, на денешниот протест, можеа да се забележат и граѓани кои не носеа маски и покрај меѓусебната блискост, а некои беа заштитени од глава до петици.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button