ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Амбасадорот Гир „згрешил“ што бил на партиска средба во кабинетот на Груби

Амбасадорот Гир „згрешил“ што бил на партиска средба во кабинетот на Груби

Евроамбасадорот Дејвид Гир оцени дека била грешка неговата средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети во просториите на министерството предводено од вицепремиерот Артан Груби. Гир и Ахмети се сретнаа кон средината на декември во кабинетот на Груби, а како што соопштија од ДУИ, двајцата разговарале за претстојните избори. Антикорупциската комисија претходно неколкупати реагираше за злоупотреба на службените простории на Министерството за политички систем во партиски цели.

„Понекогаш се прават грешки. Јас самиот не требаше да присуствувам на состанок со политички партии во министерство. Министерствата се места каде се водат државни работи. Тоа беше грешка, требаше подобро да постапам“, рече Дејвид Гир – амбасадор на ЕУ.

Антикорупционерите порачаа од Груби да биде побарана одговорност поради кршење на Етичкиот кодекс на функционерите, што е во надлежност на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска. Таа лани единствено го опомена Груби, но повисока казна немаше.

Во меѓувреме, денеска е последниот ден од работата на актуелниот состав на Антикорупциската комисија. Евроамбасадорот истакна дека работата на антикорупционерите е многу значајна и воедно повика институциите да постапуваат по нивните препораки. Според ДКСК, минатата година институциите реализирале само 14% од препораките.

„Тоа што е вознемирувачко е фактот дека кога ќе ги видите нивните препораки од последните години, процентите на нивна имплементација, од 20% се намалуваат на 10%, последно е 14%. Тоа е многу разочарувачко. И ние и граѓаните очекуваме да видиме висока имплементација на тие важни препораки, како и постапување по препораките од извештаите на Државниот завод за ревизија“, додаде Дејвид Гир – амбасадор на ЕУ.

Од утре на чело на Антикорупциската комисија застанува ревизорката Татјана Димитровска. Нови членови се и ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет, потоа судијката Софија Спасова-Медарска, како и двајцата досегашни советници во Антикорупциската комисија, Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаили./Алсат.мк

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button