ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Аналитичари: Уставните измени нема да бидат во центарот на изборната кампања

Аналитичари: Уставните измени нема да бидат во центарот на изборната кампања

Актуелниот собраниски состав престана да заседава поради претстојната изборна кампања, а меѓу 47-те незавршени седници, остана и онаа на која се расправаше за потребата за отворање на Уставот. На 18-ти август минатата година експресно, во само два часа, заврши расправата за уставните измени, па единствено остана да се гласа. Поради необезбедените 80 гласови „за“ тогашниот спикер Талат Џафери ја прекина седница, но и после седум месеци не беше закажано нејзино продолжување. Претставниците на власта изразија надеж дека овој собраниски состав ќе успее да ги изгласа уставните измени, со што би продолжил преговарачкиот процес за членство во Европската Унија, но тоа не се случи. Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве истакнаа дека се задоволни што во овој собраниски состав не успеале обидите за тргување со пратенички гласови, нивната група останала хомогена и не се усвоени, како што велат, уставните измени под бугарски диктат. Дел од аналитичарите оценуваат дека оваа тема нема да биде во центарот на вниманието претстојниов предизборен период.

„Мислам дека од уставните измени малку се плаши опозицијата, затоа што можеби ќе дојдат во ситуација после изборите да мораат да гласаат за уставните измени, така што многу е веројатно тие да бидат повлечени од оваа тема“, рече Димитар Николовски – Евротинк.

Од ВМРО-ДПМНЕ последно истакнаа дека за нив легитимна алтернатива би била одложена примена на уставните измени, дополнително со гаранции од Европската Унија за македонскиот идентитет и јазик.

„Нашиот став и до сега бил кристално јасен. Под вакви услови ние не прифаќаме уставни измени. Нашиот сосед Бугарија не ги почитува ни основните фундаментални документи на ЕУ. Тоа што треба да го знаат нашите граѓани е дека доаѓа крај на попустливата надворешна политика“, нагласи Тимчо Муцунски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Неодамна, евроамбасадорот Дејвид Гир пак, порача дека патот до Европската Унија е практичен и достижен, односно дека треба да се исполнат преземените обврски од францускиот предлог./Алсат.мк

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button