ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Раскопани и калливи улици во некои делови на Струга, општината ги игнорира барањата на жителите

Дел од граѓаните на Струга и понатаму газат по раскопани и калливи улици. Велат дека е недостоинствено да се живее во вакви услови и да молат за парче асфалт. Една таква улица се наоѓа на самиот влез на Струга. Жителите од околните станбени објекти и куќи, како и дечињата кои ги носат во локалната детска градинка, секојдневно поминуваат по оваа улица.

„Не знам дали некој побарал ова да се направи. Ова требаше да биде направено многу порано, да се направи затоа што народот кој живее тука има потреба од тоа. Најголемата и најубавата улица е оставена така…“, рече еден граѓанин.

„…Голема срамота е, не знам како добиваат гласови, не знам. Јас знам за себе и скоро половина од село Белица ние ќе ги бојкотираме изборите, нема гласови за никого, за ниедна партија, тоа нека го знаат, мислам дека сега кога ќе има избори ќе се обидат нешто да направат, ама ништо нема да сторат“, нагласи друг граѓанин.

Од 1986 година от како се направени овие згради, жителите велат дека оваа улица не е чепната ниту еднаш иако се наоѓа на самиот влез на Струга. Жителите велат дека неколку пати досега поднесувале барања и иницијативи до општината Струга, но сè било залудно.

Посетивме и улица во населбата Мислешевски пат. Времето беше врнежливо, па жителите тешко се движеа по патот. Велат сите имаме куќи, а живееме како пред два века.

„Два пати фрлија тампон пред избори, ние само за избори работиме. Овој дел од населбата го користат училиштето во Мислешево, деца поминуваат од тука, а замислете во вакви услови како ќе поминат. Има случаи кога ги врзуваат со најлони нозете за да отидат до крајот на улицата и потоа ги вадат…“, рече еден граѓанин.

„Блиску сме до градот, но со кал. Многу пати беше ветувано но досега не е остварено. На нас останува да чекаме. Срамота е во 21 век да одиме по кал, а децата кога ќе дојдат од училиште целите се во кал“, додаде друг граѓанин.

„Еве како живееме, целата кал внатре ја носиме, по пет-шест пати скалите ги метиме. Со Струга сме споени, а улицата е катастофа, ако сакаш да одиш до Струга, мора да носиш миризливи шамивчиња за да ги избришиш кондурите, децата не може на училиште да одат. Сè е катастрофа…“, рече еден граѓанин.

Прашавме во Општина Струга кога планираат да ги направат овие две улици, но одговор не добивме./Алсат.мк

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button