ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Антикорупционерите го добија договорот со Бехтел и Енка

Антикорупционерите по еден месец го добија договорот склучен помеѓу Владата и Бехтел и Енка. Веднаш започна со работа посебен тим кој треба да ги прочешла 400 страници, колку што ги има во документацијата која досега ја видоа малкумина. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција денеска не можеше да прецизира, кога точно ќе ја известат јавноста за наодите од нивната работа. Но уверуваат дека детално ќе го проверат секој член во договорот. Тимот кој ќе работи на договорот за Бехтел, Ивановска вели дека е составен од искусни истражувачи.

„Тимот е составен од четворица советници, секој е специјализиран во својата област, јавни набавки, има во делот за вработувањата, имаме посебен истражувач, советник кој го добил предметот по електронски пат, Катица Николовска, јас се вклучив исто така и со заеднички сили ќе истераме“, рече Билјана Ивановска, претседателна на ДКСК.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека во договорот и во законите потребни за работа на Бехтел и Енка нема ништо спорно, но ги остави сами да се уверат во тоа.

„Тие ќе имаат можност да ги прочитаат сите 400 страници од договорот, нормално и законот, како и извештајот на консултантите, ќе може да се запознаат и со процедурите кои за прв пат се воведуваат во нашата држава и од она што ќе видат ќе го дадат своето мислење а какво мислење ќе имаат тоа не можам да го кажам“, рече Ковачевски.

Во меѓувреме во Собранието по брза постапка се носат измени на законите кои се неопходни за старт на градежните работи. Меѓу нив е и законот за продолжување на работното време за работниците на патишта, се предлага процесот на легализација и експропријација да биде побрз од вообичаениот, да се добиваат градежни дозволи во експресно време и други постапки кои според власта до сега траеле долго и го забавувале времето за реализација на капитални проекти. Овој проект е проследен со неколку афери и скандали уште од самиот почеток, за што предмет отвори Обвинителството за организиран криминал и антикорупциската комисија.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button