ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Антикорупциска со демант до Османи

Антикорупциската комисија останува на ставот дека Министерството за надворешни работи злоупотребило службени возила во партиски цели и покрај негирањето од страна на шефот на дипломатијата Бујар Османи. Според министерот, антикорупционерите погрешно го интерпретирале извештајот од внатрешната ревизија во МНР и не постојат такви наводи какви што презентираат антикорупционерите. Сепак, од Антикорупциската комисија денеска прикажаа фотографија од документот.

„Ова е во спротивност на тврдењето на Министерот дека нема таков извештај од „некој“ внатрешен ревизор и дека ДКСК погрешно ги интерпретира наводите“, велат од ДКСК.

Антикорупционерите претходно истакнаа дека во изборниот период, од први август до крајот на октомври 2021-вата година, МНР имало 15 свои возила и две позајмени од Агенцијата за разузнавање, но за нив не се водела никаква евиденција и не може ниту да се докаже колку гориво потрошиле. Тие денеска објавија и цитати од наодите на ревизорот, за кој Османи тврдеше дека се грешно интерпретирани.

„Во Извршното резиме до Министерот, наведени се состојби кои укажуваат дека: нема определено надлежно лице за водење евиденција на возилата и опремата и нивно сервисирање, регистрирање и осигурување; не се води евиденција кое лице управува со кое службено возило, ниту се прават патни налози со внесување податоци за поминати километри; не е воспоставен систем за контрола на користењето и потрошувачката на гориво на службените возила“, додаваат од ДКСК.

Од Антикорупциска неодамна кажаа дека ќе побараат вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска да покрене иницијатива за одговорност за Османи. Се уште нема одговор дали ваква иницијатива ќе биде покрената.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button