ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Атанасовски: Партиите да научат да соработуваат за суштински важни прашања

Атанасовски: Партиите да научат да соработуваат за суштински важни прашања

Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски политичките партии воопшто не треба да бидат убедувани од страна на власта за да се вклучат во преговарачкиот процес, бидејќи тие самите имаат одговорност за европското досие на Македонија. Во пресрет на утрешната лидерска средба, Атанасовски вели дека треба да се надминат суетите и да се стави крај на политичките уцени и наддавања во пресрет на отворањето на Уставот .

„Конечно ќе треба да научат да соработуваат за суштинските важни прашања кои се од нужно значење за Македонија прво да ги почне преговорите со ЕУ и после ефикасно, ефективно и квалитативно да ги преговара, односно да ги отвора и затвора предвидените 36 поглавја, исполнувајќи ги Копенхашките критериуми, за еден ден Македонија да биде подготвена реално и фактички, а не само врз база на политичка одлука да стане член на Европската Унија“, рече Благојче Атанасовски – политички аналитичар.

На утрешната средба на претседателите на парламентарните партии се очекува во фокусот да бидат преговарачкиот процес и уставните измени. Сепак, Атанасовски оценува дека за најзначајното прашање, односно за измените, нема да се направи прогрес без дипломатски притисок.

„Ако опозицијата ригидно остане на своите ставови да не попушти во однос на отфрлањето на внесувањето на Бугарите во Уставот, што е услов без кој не се може, јас мислам дека дефинитивно ќе треба да се вмешаат претставници на меѓународната заедница, бидејќи гледаме дека апсолутно нема простор за разговор опозицијата да каже дека ќе се вклучи во тој процес. За жал, таква е ситуацијата, Македонија и после 30 години да функционира како еден вид на лабав протекторат, каде што секогаш странците мораат да се вмешаат“, додаде тој.

По неколкудневно тактизирање, вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потврди дека ќе присуствува на средбата за, како што вели, да го одземе алибито од рацете на власта дека партијата е наводно против интеграција на државата во ЕУ. Присуството претходно го потврдија и од ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива. Од БЕСА рекоа дека утре ќе одлучат дали ќе присуствуваат, додека пак Левица одби да присуствува./Alsat.mk

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button