ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И Охридското езеро „ќе врти“ за струја

И Охридското езеро „ќе врти“ за струја

И покрај предупредувањата на еколошките активисти водата во Охридското езеро да не се користи за производство на струја, државата не се откажува од тоа. Имено, езерото се користи за полнење на хидро-акумулациите на централите Глобочица и Шпиље, со испуштање вода кај истекот на реката Црни Дрим во Струга. Државата сака да го намали увозот на скапа струја од странство, а директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, уште во септември за Алсат изјави дека есенва ќе се почне со испуштање вода од езерото за производство на струја.

„…Никогаш немаме во план котите да паднат под она што е дозволено, затоа што веќе се доведува во прашање биодиверзитетот во овие капацитети“, рече Васко Ковачевски-директор на ЕСМ.

Но, заменик-министерката за животна средина вели дека ваквите политики треба да се сменат.

„Во периодот кој што следи треба да има промени во политиките. Затоа што нè очекува еден период и на климатски промени…. Мојот став е дека приоритет треба да биде заштитата на животната средина“, изјави Христина Оџаклиеска-заменик министерка за животна средина.

Оџаклиеска смета дека во услови на енергетска криза, наместо за производство на струја да се користи езерска вода, повеќе треба да се користат другите извори на енергија како сонце и ветер. Од Хидробиолошкиот завод во Охрид велат дека енергетските власти во земјава не смее да си играат со езерото заради финансиски калкулации.

„Сите тие осцилации на нивото на водата на Охридското езеро, потпомогнато со ред други причини, како што е забрзана еутрификација, деградација на живеалишта, неконтролирана узурпација на брегот на езерото, предизвикува понекогаш последици врз живиот свет во езерото“, нагласи Орхидеја Тасеска-директорка на Хидробиолошки завод Охрид.

Проценките на експертите се дека намалувањето на само еден сантиметар вода од нивото, значи и губење на 3,5 милиони кубни од езерото кое е и најголем природен базен со питка вода во Југоисточна Европа. Деновиве нивото му е околу 10 сантиметри повеќе од минимално дозволена кота./Alsat.mk

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button