ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бербок: Промената на Уставот да не биде јаболко на раздорот

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок од Скопје изрази оптимизам дека до декември годинава ќе бидат усвоени уставните измени и ќе продолжи преговарачкиот процес на земјава со Европската унија. Бербок порача прашањето за промената на Уставот да биде натпартиско и да се создаде коалиција која ќе биде неопходна и за обезбедувањето на двотретинско мнозинство за сите останати прашања кои ќе ги засегаат преговорите за членство во Унијата. Таа додаде дека за важните чекори е потребен политички капитал.

„Договорената промена на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност“, рече Бербок.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека дебатата за уставните измени сега се води поради партиско-политичкиот интерес на опозицијата да дојде на власт и таа треба да се префрли кај граѓаните. Според него, кога граѓаните ќе ги видат формулациите на уставните измени ќе ги отфрлат тезите на опозицијата.

„Буквално на страв на граѓаните за својата иднина сакаат да прават политички кариери. Тоа не е чесно кон своите избирачи, тоа не е чесно кон своите граѓани и затоа сум јас оптимист и затоа мислам дека Мицкоски на крај ќе излезе поразен, затоа што кога граѓаните ќе ги видат формулациите ќе сфатат дека биле излажани“, рече Османи.

Во рамки на посетата на земјава германската министерка за надворешни работи остварува средби со државните челници, но и со опозициски пратеници. Таа пренесе порака дека демократските компромиси вредат, а Европската унија ќе биде посилна со земјите од Западен Балкан.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button