ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Без опструкциите од опозицијата ќе влеземе во ЕУ и пред 2030 година“

„Без опструкциите од опозицијата ќе влеземе во ЕУ и пред 2030 година“

Според претседателот на државата Стево Пендаровски, македонската опозиција размислува теснопартиски, а не стратешки во однос на евроинтегративниот пат и уставните измени. Тој додава дека сега изборот е јасен – или сте за Европа или сте против. Пендаровски додаде дека размислувањето за избори е партиско размилување, а не размислување за насоката на државата.

„Ако барате заради домашни политички причини изговор зошто не гласате за продолжување на патот на Македонија кон Европската Унија и велите „ние сме спремни да гласаме за Европа, само Макрон не нè сака“, тоа е друго. Да бидеме прецизни, реални, да бидеме фер кон нашите европски пријатели. До овој момент ниту еден од европските официјални лица не рекол дека Западниот Балкан нема да влезе“, изјави Стево Пендаровски – претседател.

Според Пендаровски, неодамнешната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, кој зборуваше за т.н. „Европа со две брзини“, не значи дека Унијата нема да се прошири со земјите од регионот. Доказ во оваа насока, како што додаде Пендаровски е фактот декатокму по иницијатива на Франција е постигната согласноста за преговарачката рамка за земјава. Коментирајќи ги најавите за проширување на Унијата до 2030-та година, Пендаровски изрази условен оптимизам.

„Без внатрешни опструкции, какви што гледаме за жал од страна на македонската опозиција, можно е и пред тој рок и за тоа е повторно потврда министерката за Европа на Франција, која рече „може некоја од државите од Западен Балкан да влезат и пред 2030“, рече Стево Пендаровски – претседател.

Вчера и премиерот Димитар Ковачевски беше уверен дека земјава може да се зачлени во Европската Унија дури и пред 2030 година доколку ги исполниме критериуми, односно, како што рече, ќе бидеме првата земја од Западен Балкан што ќе се зачлени во Унијата. Во меѓувреме, каков ќе биде процесот на проширување и како паралелно ќе тече и процесот на реформи внатре во Европската Унија, ќе биде познато по Самитот на Унијата во Гранада, Шпанија, на 5 октомври. Домашните власти очекуваат на овој Самит најавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел за проширување во 2030 година, да се преточи во конкретен заклучок на европските институции.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button