РЕГИОН

Босна и Херцеговина денеска ја одбележува 26-годишнината од масакрот во Сребреница

Босна и Херцеговина денеска ја одбележува 26-годишнината од масакрот во Сребреница, најужасниот масакр од крајот на Втората светска војна. Посмртните останки на 19 жртви на геноцидот во Сребреница беа погребани во Меморијалниот центар Поточари. Најмладата жртва која беше погребана е Азмир Османовиќ, кој имал само 16 години кога бил убиен од српските сили. Неговите посмртни останки беа пронајдени во масовна гробница и беа идентификувани во мај годинава. Во јули 1995 година, силите на босанските Срби убија повеќе од 8000 муслимани во Сребреница, област која беше прогласена за безбедна зона од страна на Обединетите нации.

Нивните тела беа фрлени во јами во околните шуми. Областа каде се случи масакрот во Сребреница ја чуваа холандски мировници на Обединетите нации.

До денес, над 6.650 жртви се погребани во Меморијалниот центар Поточари – меѓу нив над 430 малолетници. На други локации, на барање на членови на семејствата, закопани се над 230 жртви, а трае потрагата по уште 1.000 исчезнати.

Членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ , ја повика меѓународната заедница во Босна да го спречи негирањето на геноцидот во Босна со донесување закон за забрана за негирање

„Наше е да работиме за да изградиме држава во која никој нема да биде незаштитен. Ги повикувам оние што знаат каде се масовните гробници да пријават за да можат жртвите, но и нивните семејства да најдат мир. Враќањето на довербата е можна ако сите се соочат со вистината“, изјави Шефик Џаферовиќ, Член на босанското претседателство.

Масакрот во Сребреница беше признат за геноцид од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Досега 47 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор за масакрот во Сребреница. Поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ беше осуден на доживотен затвор, како и поранешниот воен водач Ратко Младиќ.

Во 2010 година, српскиот парламент донесе резолуција со која се извини за масакрот во Сребреница. Во усвоениот текст се вели дека Србија требаше да стори повеќе за да ја спречи трагедијата. Европскиот парламент го прогласи 11 јули за Ден на сеќавање на геноцидот низ целата Европска унија и ги повика земјите од Западен Балкан да го сторат истото.

Алсат

(Фото: Reuters)

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button