Дали НЕКВАЛИТЕТНИОТ СОН може да влијае и на ТЕЛЕСНАТА ТЕЖИНА?

Многумина кои се борат со вишокот килограми бараат некакво решение кое ќе даде брзи резултати. Но, науката одамна вели дека процесот на слабеење е покомплексен од што навидум изгледа и дека во него се вклучени навистина многу фактори. Од правилна и избалансирана исхрана, физичка активност, па и до намален и менаџиран стрес – сето ова допринесува за успешно слабеење. Но, исто така, можеби помалку познато е дека и спиењето има доста важен удел во процесот. Нажалост, добриот сон е често занемарен и „жртвуван“ со цел да имаме повеќе време за другите, секојдневни обврски. Затоа, во продолжение ќе зборуваме малку повеќе за важноста на сонот и неговата поврзаност со регулирање на телесната тежина.
Зошто е важен редовниот и квалитетен сон?
Проценките се дека приближно една третина од нашиот живот ќе го поминеме спиејќи. Тоа значи дека сонот е незаменлив и голем дел од нашиот живот, а тоа е така со причина. Во нашето тело постои внатрешен биолошки часовник или т.н циркадичен ритам. Ваквиот ритам претставува збир на физички и ментални промени, како и промени во однесувањето, кои го следат 24 – часовниот циклус на денот. Овие природни промени во телото главно се придвижувани од светлината, односно од денот и ноќта. При крајот на денот и почетокот на ноќта, телото започнува со лачење на хормонот мелатонин кој нè прави да се чувствуваме поспано и помага при одржување на ваквата поспаност низ целата ноќ.
Квалитетниот сон во текот на ноќта ни овозможува нормално функционирање наредниот ден, контрола на нашиот метаболизам и телесна тежина, добро расположение, го намалува ризикот за појава на разни заболувања и сл.
Науката постојано потврдува дека голем дел од нашето здравје може да се поврзе со добриот сон. Во претходни статии ја имаме и дискутирано поврзаноста на сонот со нашето целокупно здравје и имуниот систем, метаболизмот и сл.
Покрај ваквите ефекти, научниците ја истражуваат и поврзаноста меѓу спиењето и телесната тежина. Истражувањата покажуваат дека долгорочното спиење помалку од препорачаниот минимум – 7 часа, може да доведе до:
Покачување на телесната тежина
Прекумерна телесна тежина
Срцеви заболувања
Депресија
Мозочен удар