Дел од членовите на Судски совет се соочуваат со интерпелација

Премиерот Христијан Мицкоски најави разрешување на членовите на Судскиот совет. Шефот на Владата изгледа нема повеќе трпение да чека Судскиот совет самиот да се реформира. Сепак, Мицкоски повторно решението го гледа во одлука на самите членови. Бара Собранието да изгласа недоверба на советот, а членовите сами да се повлечат.
Опозицискиот лидер бара работни групи и суштински реформи. Венко Филипче бара да се подготви национален план за надминување на судската криза. Едноставно разрешување членови не е решение за него.
„Потребен е национален план, непартиски пристап кој ќе обезбеди реформи во согласност со европските препораки.Во Собранието треба да се формира заедничка работна група која ќе ги дефинира, контролира и заеднички ќе ги спроведува реформите во овој чувствителен сегмент“, вели Филипче.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, најавите на премиерот ги оцени како незадоволство од одредени членови, додавајќи дека повикувајќи се на законот и Уставот кои сите мора да ги почитуваат, нема можност за разрешување.
Иницијативата за разрешување ќе се заснова на негативниот извештај, поточно неодобрувањето на извештајот за 2023 година. Со ова дејство се создава основа законодавците да поведат постапки за интерпелација, со што ќе ги дисквалификуваат членовите на советот избрани по предлог на Собранието и претседателот. Членовите избрани со гласовите на судиите не можат да бидат разрешени, но премиерот изрази оптимизам дека и тие можат да се освестат и да си ги вратат мандатите. Постапката на премиерот и на парламентарното мнозинство доаѓа во време кога Советот молчи пред последователните скандали во судството, особено последниот кога највисокиот орган на судската власт во државата не постапува против судијата кој не го осуди на затвор младиот човек кој ја згази Фросина Кулакова. Минатата недела министерот за правда Игор Филков изјави дека во моментов не постои законска можност за разрешување на членовите на Судскиот совет. Филков на 17 јануари најави формирање работна група за измени на Законот за Судски совет и реформа на ова тело.
Алсат