ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дел од униформираната полиција денеска излезе на протест

Полицајците ја соблекоа униформата и излегоа на протест. Се собраа пред зградата на МРТВ, дел пешки, а дел со автомобили. Сите со пароли, транспаренти, свирчиња и знамиња тргнаа кон владината зграда на Илинденска.

Синдикатот на полицијата обвинува за притисоци на работните место на своите колеги. Полицајците велат дека повеќе нема да дозволуваат бесправни распределувања. Го потенцираа и стариот познат проблем, а тоа е немањето доволно униформи и останата полициска опрема која им е потребна за извршување на секојдневните работи. Разочарани се од тоа што како синдикат не се вклучени во изработката на реформите во секторот полиција.

„Без Независниот синдикат на полицијата, без вас, без униформата, без чизмата и без пиштолот нема да им помине ниту колективен договор, ниту нова систематизација, ниту тоа што го подготвуваат во Законот за полиција. Е тоа јас нема да им го дозволам“, рече Гоце Делчев Тодев претседател на независен синдикат на полиција.

Најголемиот дел на протестот беа полицајци, а нив ги поддржаа и колегите од шумската и затворската полиција, војници и пожарникари, а имаше вработени во железницата.

„Независните синдикати пред четири години овде имаа поставено шатори, на тие шатори тие синдикати имаа парола „Нема правда нема мир“ потоа ја прифатија сите. Нека не не предизвикуваат пак да ги вадиме шаторите. Ќе дојдеме со шаторите ама тогаш ќе ги смениме барањата“, изјави Марјан Ристески претседател на Конфедрација на синдикални организации на Македонија.

Според синдикалците ова беше предупредувачки протест, а мотото на протестот беше „За ред, за правда, за дисциплина“. Инаку, денешниот протест на полицајците е само еден ден по одбележувањето на Денот на полицијата во Македонија.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button