ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дијалог „Жан Моне“ за реформа на работата на Собранието

Дијалог „Жан Моне“ за реформа на работата на Собранието

Европската Унија ги повика парламентарните политички партии што поскоро да продолжат со дијалогот „Жан Моне“. Овој процес е поврзан со ревизија на Деловникот на Собранието во точките кои партиите ги сметаат за најпроблематични, како што се „филибастеринг“, блокирање на работата на комисиите и утврдување работен календар. Европратеникот Андреас Шидер, кој беше дел од дијалогот, за Алсат вели дека договорите постигнати во последните три круга треба да се спроведат во пракса.

„Треба да има конструктивна посветеност со консензус меѓу политичките партии за реформите поврзани со ЕУ и дополнително зајакнување на капацитетите на Собранието на Северна Македонија. Затоа ги охрабруваме пратениците брзо да ги спроведат обврските преземени за време на процесот на дијалог „Жан Моне“, за конечно да се спроведат договорите кои се однесуваат на Деловникот и процедурата. Би сакале што поскоро да се одржи четвртата рунда разговори и целосно да се имплементираат договорите од третата рунда“, изјави Андреас Шидер, европратеник.

Потребата од продолжување на дијалогот за зајакнување на капацитетите на Собранието ја потенцира и евроамбасадорот во Скопје.

„Во моментов гледаме високо ниво на политичка поларизација во Парламентот. Во исто време, речиси сите партии се посветени Северна Македонија да влезе во Европска Унија. Што е можно побрзо треба да се сплотат за прашања поврзани со реформите во ЕУ и да работат заедно, да ги надминат политичките разлики и да напредуваат на реформската агенда“, рече Дејвид Гир- амбасадор на ЕУ.

Во рамките на дијалогот Жан Моне имаше три тркалезни маси, со сите парламентарни партии почнувајќи од 2018 година. Процесот е значително забавен поради пандемијата. Она што се верува дека е консензус, а сè уште не е вградено во Деловникот, е да се ограничи времетраењето на конститутивната седница за да не се повторат настаните од 2017 година. Исто така, партиите се на став дека барем еден од потпретседателите на Собранието треба да биде жена. Дијалогот „Жан Моне“ го донесе договорот за економска независност на Собранието кое од 2021 година има буџет одвоен и независен од другите институции, како и Етичкиот кодекс на однесување.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button