Државава врати 23 лица од воените жаришта во Сирија и Ирак

23 граѓани на С. Македонија кои биле дел од воените конфликти во Сирија и Ирак се вратени во земјава. Четворица од нив се мажи обвинети за учество во војни во странство, 5 се жени, а има и 14 деца. Осомничените за учество во воени дејствија во странство се испратени во истражниот затвор Шутка во Скопје. Тие ќе останат во изолација 10 дена, по што ќе бидат распределени во ќелиите со лица кои не се обвинети за слични дела. Од притворените, тројца се жители на Скопје, а еден е од Гостивар.
„Поднесена е кривична пријава против четворица терористи кои учествувале во војни во странство. За истите претходно имаше распишана меѓународна потерница и за нив е изречена мерка притвор“, наведоа од Владата.
Жените и децата ќе бидат во задолжителен 14-дневен карантин, а ќе поминат и медицински прегледи. Во меѓувреме, ќе се истражува нивна можна вмешаност во криминални дела за време на нивниот престој во Сирија и Ирак.
„Во наредниот период, релевантни институции и служби ќе работат на обезбедување материјални докази за можна вмешаност во кривични дела, посебно за секое лице“, додаваат од Владата.
Трендот на враќање во последниве години е помал. Во 2020 година, вратени беа четворица наши граѓани, еден маж во февруари и три жени во март. Нема податоци за 2019 година, а во 2018 година биле вратени седуммина. Од септември лани, С. Македонија има регистрирано 150 граѓани кои учествуваат во војните на Блискиот Исток. 80 од нив се вратени, околу 40 загинале, а 30 сè уште се наоѓаат во воените зони.
Адриан Керими