ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Државјанството на Онишченко не може да му се одземе

Сè уште нема разврска за случајот со доделувањето државјанство на сомнителниот украински бизнисмен Олександар Онишченко, кој е на црната листа на САД. Иако беше најавена за вчера, седницата на Влада каде првиот човек на АНБ, Виктор Димовски ќе реферира беше закажана за денеска.

„Денеска имаме затворена седница на Влада, на којашто директорот на АНБ ќе информира за сите детали во однос на тоа како е издадено тоа државјанство, односно како се обезбедени позитивните мислења. Понатаму од тоа не можам да коментирам со оглед на тоа дека од затворени седници не може да се даваат информации, бидејќи тоа е тешко казниво кривично дело“, рече Ковачевски.

Премиерот не одговори дали за случајот со прорускиот бизнисмен вчера разговарал со помошникот генерален секретар на НАТО за безбедност и разузнавање Дејвид Катлер, кој е во посета на земјава. Од она што е познато за јавноста токму мислењето на НАТО било изоставено од страна на АНБ кога се прибирале мислењата за пасошот на Онишченко.

Во меѓувреме собранискиот спикер Талат Џафери извести дека седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ нема да продолжи, додека МВР не одговори како настанал техничкиот пропуст. Димовски на оваа седница во петокот пред пратениците започна да дава детали за случајот, но намерно или не, говорот се емитуваше во живо на јутјуб.

Од опозицијата се сомневаат дека овој пропуст бил исцениран од власта, за да служи како образложение и Димовски да не го продолжи отчетот пред пратениците. Од ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Онишченко“ побараа оставки од првите луѓе на АНБ и МВР.

„Никакви суспензии на службеници не може да ја тргнат вината од Спасовски и Димовски. Покрај тоа што Онишченко е на црна листа на САД, тој е и лице по кое има потерница од страна на Украина, имено на веб сајтот на МВР на Украина стои името и податоците токму на ова лице. Овие податоци морало да бидат проверени од АНБ и МВР“, вели Александар Николовски – потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата побараа и да се одземе државјанството на Онишченко. Сепак, засега не се знае дали неговиот пасош воопшто може да биде одземен. Според Уставот, државјанство не може да му биде одземено на ниту еден граѓанин, на каков и начин да било стекнато. Државјанство, според законот, се повлекува единствено со отпуст, по барање на конкретното лице.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button