ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бун: Годината 2030 е амбициозна, но не и нереална цел за членство во ЕУ

Зачленување во Унијата во 2030 година е амбициозна, но не и нереална цел, вели француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун, која е во посета на земјава. Одговарајќи на новинарско прашање за новата методологија за проширување која беше на предлог на претседателот Емануел Макрон, таа кажа дека Франција изминатиов период придонела за деблокирање на македонската европерспектива.

„Постоеше таа реформа за проширувањето, во поглед на Северна Македонија и Европската унија и таа реформа на проширувањето е токму во прилог на фаворизирањето на динамиката меѓу Европската унија и земјата којашто ги спроведува реформите, тоа да биде подинамично и да има повеќе смисла и корист отколку со претходната методологија. Затоа, Франција има доверба во амбицијата и крајната цел на премиерот и македонската Влада“, рече Бун.

Лоранс Бун од Скопје кажа дека испраќа пораки на пријателство и охрабрување на европскиот пат. Таа сепак додаде дека неопходни се реформи, но и уставни измени. Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски говорејќи за измените порача пратениците да бидат на ниво на задачата.

„Знам дека нивната одлука не е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување и ќе овозможат земјата да се движи забрзано по европскиот пат. Секако дека тие имаат избор да остават да биде сè како што било и да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но верувам и уверен сум дека тие ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина“, рече Ковачевски.

Ковачевски исто така кажа дека Франција во моментов е предводник на процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button