ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Државната матура и годинава ќе се полага како лани

Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година ќе полагаат државна матура како и минатогодишната генерација која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми. Новата концепција на матура што ја најавуваше Државниот испитен центар (ДИЦ) се подготвува, но ќе почне да  се применува за матурантите во идната учебна 2022/2023 година.

Директорката на ДИЦ Елизабета Наумовска за МИА изјави дека новата концепција за матура ја планираат за 2023 година зашто ставот е дека и за овие ученици, како што рече, пандемијата е хендикеп  и иако во септември почнаа да одат во училишта, лани и преклани имаа скратени програми.

– Го чекам новиот министер за да договориме широка јавна дебата за новата концепција за матура. Можеби ќе ја организираме напролет откако ќе се смири КОВИД-состојбата која овој месец е поексплозивна. Најпрво сакам да се дебатира со самите средношколци, не само со годинашните матуранти, туку и со тие што в година ќе бидат матуранти бидејќи за нив ќе се однесува новата концепција, како и со професори и директори од средните училишта, со претставници од високото образование и потоа со пошироката јавност, рече Наумовска.

Новата концепција за идната генерација матуранти предвидува три вида државна матура т.е. според видот на образование – гимназиско, стручно и уметничко.

За годинава државната матура нема да се менува. Учениците ќе полагаат два екстерни и два интерни предмети и една проектна задача. Ќе има проширување само на листата интерни предмети за учениците во средното стручно образование поради нови образовни профили кои претходно не постоеја, за што  Државниот матурски одбор, како што рече Наумовска, пред околу еден месец одржал состанок и се направени мали измени.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button