ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Државниот завод за статистика не го започна теренскиот попис иако Законот сè уште е на сила

Државниот завод за статистика не го започна теренскиот попис иако Законот сè уште е на сила. Преку соопштение за јавноста, првите луѓе на Заводот објавија дека чекаат крај на собраниската постапка за одложување на статистичката операција. Од Заводот не сметаат дека го кршат Законот со тоа што не го започнале пописот на терен.

„Имајќи предвид дека пописот се очекува да трае 21 ден, односно до 21 април, Државниот завод за статистика проценува дека има доволно време за сите активности предвидени за пописот да заврши на време. Во периодот додека се очекува решение во Собранието на РСМ, Заводот уште еднаш ќе ги провери сите организациско – технички активности на терен, за да биде уште посигурен дека сè е подготвено за евентуален почеток на пописот на терен“.

Сепак, опозицијата од редовите на Албанците овој чекор на Заводот го смета за кршење на Законот за попис, што според коалицијата Алијанса – Алтернатива е кривично дело. Опозицијата бара интервенција на обвинителството за санкционирање на прекршителите на Законот.

„Ова одбивање да се спроведе Законот е сериозен удар врз принципот на правна сигурност, како основен концепт на владеење на правото. Го повикуваме Обвинителството итно да ги преземе неопходните мерки за зачувување на владеење на правото, со поднесување обвинение против директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика. Го потсетуваме Обвинителството на членовите 16 и 18 од Законот за попис. Член 16 – Државниот завод за статистика се грижи за законитоста при подготовката, организацијата и реализацијата на Пописот во согласност со одредбите на овој Закон и ја надгледува работата на лицата – учесници на пописот“.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека Државниот завод за статистика не треба да презема ништо бидејќи веќе ја добил пораката дека повеќе од две третини од пратениците се за откажување на пописот. Но, денеска Заев излезе со нов став дека пописот е во подготвителна фаза и дека се уште не е започнат на терен, па според него, никој не треба да презема одговорност. Според него, пописот е започнат, но попишувачите не се гледаат на терен затоа што се подготвуваат и организираат.

Законот за попис предвидува казнени мерки за физички и правни лица. Оние што одбиваат да дадат податоци, Законот предвидува парични казни од 200 до 300 евра, додека правните лица кои спречуваат попис или повикуваат на бојкот, според законската одредба, може да се соочат со кривични пријави со кои се предвидува затвор од најмалку три години.

Mefail Ismaili

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button