ЗДРАВСТВО

Двајца повредени во трагедијата во Кочани остануваат во критична состојба

Утрото на 16 март беше последно за 59 граѓани на Кочани кои ги загубија животите во трагедијата од пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“. Над 200 други беа сериозно повредени. Жртвите од трагедијата беа главно млади, шест од нив малолетни, а најголем дел од загинатите беа на возраст од 24 и 26 години. Според судската медицина, главната причина за големиот број жртви во оваа трагедија беше задушување со јаглерод моноксид.

Advertisements

Од 16 март, но и во деновите што следеа, најголем дел од повредените беа испратени на лекување надвор од земјата, поради недостиг од Центар за изгореници и недоволни болнички капацитети во домашниот здравствен систем. Беше неопходна солидарноста на 14 странски држави, главно европски, за справување со големиот прилив на пациенти повредени во трагедијата. Србија и Бугарија беа првите дестинации каде што беа транспортирани пациентите, а најтешките случаи беа примени на лекување во други европски земји. Австрија, Грција, Хрватска, Италија, Швајцарија, Шведска, Литванија, Белгија, Бугарија, Турција, Словенија, Унгарија и Полска беа земјите што понудија помош за лекување на повредените, а некои од нив изразија подготвеност да задржат дел од пациентите и на подолгорочна рехабилитација.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека од двајцата пациенти кои биле во многу критична состојба, еден е во подобра состојба додека за десетици пациенти е потребна рехабилитација до две години.

„Од вкупно 47 пациенти, само еден е многу критичен. Направена е проценка од британски експерти за сите пациенти за тоа колку време им е потребно за рехабилитација, сега го имаме списокот со име и презиме, некои ќе останат подолго во странство. Во Литванија ќе задржат пациент уште еден месец и сега веќе знаеме колку време им треба за рехабилитација. Има пациенти на кои им е потребна рехабилитација од 18 до 24 месеци“, рече Таравари.

Во земјава пристигнаа и експерти за изгореници од европски држави за да понудат помош во третманот на повредените.

Додека најголем дел од повредените беа испраќани надвор, во домашните болници останаа на лекување помал број пациенти со полесни повреди, со кои здравствениот систем полесно можеше да се справи.

Првично, 20 пациенти беа во најкритична состојба и животна опасност, со изгореници од втор, трет и четврт степен и оштетувања на дишните патишта поради вдишани отровни гасови од пожарот. Подоцна, здравствената состојба на повеќето од нив почна да се подобрува. Но, три недели по трагедијата, уште двајца пациенти починаа. Двајцата беа на возраст од околу 30 години и се лекуваа во Литванија со што бројот на жртви се искачи на 61. Според здравствените власти, последните двајца кои починаа биле во исклучително критична состојба со околу 90 проценти телесни повреди.

Линда Ебиби

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button