ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Економската состојба се влошува и во Кичево

Сѐ повеќе дуќани во Кичево со клуч на врата. Некои се издаваат под кирија, некои пак, од сопствениците, откако затвориле, повеќе не се нудат на пазарот. Поголемиот дел тоа го направиле последниве месеци, откако пандемијата со ковид 19 почна сериозно да влијае врз нивното работење. Камерата на Алсат, ваква слика забележа на повеќе локации низ градот.

„Падната е многу работата. 100% е падната работата. Сите дуќани се затвораат. Ако минатата година ова време сме правеле седум – осум илјади промет, сега правиме илјада до илјада и петстотини денари. Ако продолжи вака, не знам што ќе правиме“, вели Абди Мерсими-сопственик на бурекџилница во Кичево.

Дополнителен проблем е отсуството и на печалбарите ова лето.

„Падната е работата и тоа катастрофално. 100% е падната. Гурбетчиите не дојдоа годинава. Криза голема е. Без нив е потешко…

-Има ли овде дуќани во околината кои се затворени?

„Има. Допрва се затвораат. Тоа е. Нема што да се прави, само здравје“, вели Амет Медароски-сопственик на пиљара во Кичево.

И сопствениците на туристички агенции во Кичево се жалат. Велат, никој не патува, никој не купува аранжманиа, а најавената помош од државата се уште ја нема.

„Ако ја споредиме оваа со ланската година, за 80% е опадната работата. Има колеги со кои сум зборувал, а кои велат дека се на работ пред затворање. Оваа година, оние кои инвестирале, кои вложиле повеќе пари  во закуп, фактички останале и без пари и без работа“, рече Љуљзим Лимани сопственик на туристичка агенција во Кичево.

Нурхан Лутфиоски, саатчија, кој повеќе од 40 години ја работи оваа работа, вели дека до сега не памети ваква криза.

„Јас сум 44 годишен занаетчија .Во дуќанот сум 44 години и ова досега никогаш не било вака. Ова е сведено на катастрофа. Не можеме веќе трошоците да ги покриеме, а не пак нешто да заработиме. Тоа е тенденција нагло се затвораат“, вели Нурхан.

Градот се испразни. Младите замина, а веќе постои традиција, велат кичевчани, и постарата генерација да замине на запад.

Локалната економија во Кичево, веќе неколку месеци, поради корона кризата е на колена. Од бизнис секторот но и граѓаните на Кичево, со кои зборуваше Алсат, не се оптимисти дека ситуацијата ќе се подобри. Очекуваат дека ќе има зголемување на  бројот на дуќани кои се затвораат, но и на отпуштања од работни места.

Во Кичево според официјални податоци во моментот има 4.037 невработени лица.

„Во Агенцијата за вработување-Центар за вработување Кичево, со состојба на 30.09.2020, година, евидентирани се 324 невработени лица за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во период на кризата предизвикана од COVID-19 вирусот“, велат од Агенцијата за вработување.

Од Агенцијата за Алсат велат дека најголем дел од лицата кои се стекнале со статус на невработени лица, се од преработувачката индустрија или 45 отсто.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button