ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Експерти: „Владините мерки, колку за преживување“

Антикризните мерки за граѓаните се доволни колку за преживување. За компаниите се минимални и недоволни во борбата против новонастанатата криза. Ова е генералниот став на опозицијата, експертите и работодавачите. Во вечерашниот Економски магазин на Алсат универзитетската професорка Никица Мојсоски Блажевски вели дека мерките се добро скроени, но нема да ги решат проблемите на граѓаните на долг рок.

„Ние даваме пари од буџетот за денес, за сега, но не размислуваме како ќе создадеме човечки капитал, квалификувана работна сила, кој ќе работи или како ќе ги зголемуваме платите во иднина“, рече Никица Мојсоски Блажевски Универзитетска професорка.

Состојбата во стопанството не е добра, велат работодавачите. Кредитите кои ги нуди Владата би биле опција, но само за добростоечките фирми.

„Секако дека бескаматните кредити добро би дошле за компаниите кои имаат сепак рентабилност во работењето. Кредит може да земе компанија која во овој момент или ѝ доцнат парите за наплата, но ако таа има загуба во константа, ако производ ѝ чини 100, а таа го продава за 90, нема да земе кредит“, рече Ангел Димитров Организација на работодавачи.

Опозицијата предупредува дека треба да се внимава со новото најавено задолжување, со кое се планира реализацијата на овие мерки.

„Плаќаме многу повеќе за камати за сервисирање на долгот, мислам дека податокот е 1,5 отсто од БДП одат за отплата за камати. Ние толку не трошиме за народна одбрана на земјата, како членка на НАТО. Или споредете го тоа со издатоците во образование во здравство или слично“, рече Трајко Славески, Член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

За најавените 26 мерки на Владата ќе бидат потребни 400 милиони евра. Власта веќе најави дека се чека најпогоден момент за издавање на нова еврообврзница тешка 600 милиони евра. Јавниот долг на Македонија веќе надмина 60 отсто од Бруто домашниот производ.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button