ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Европскиот фронт ќе се жали до ДИК за вчерашното прегласување

ВМРО-ДПМНЕ се уште нема одлучено дали ќе поднесе приговори до ДИК за процесот на гласање или за собирањето на резултатите во шесте избирачки места во петтата ИЕ. Од прегласувањето вчера, оваа партија очекуваше да добие уште еден пратеник во петтата единица, но тоа не се случи. Од друга страна, Европскиот фронт подготвува приговори за вчерашното гласање во Ларце. По прегласувањето, коалицијата загуби еден мандат во шестата единица, кој му припадна на ВЛЕН. Европскиот фронт оценува дека имало неправилности за кои ќе се жали до ДИК.

Партиите и субјектите кои учествуваат на изборите имаат рок од 48 часа за приговори до ДИК.

По прегласувањето во избирачко место во Ларце, Желино, Европскиот фронт загуби еден пратеник од резултатите од 8 мај, додека ВЛЕН доби уште еден пратеник. Но, прегласувањето во шест избирачки места во петтата ИЕ не го поништи резултатот од 8 мај.

Со ова ВМРО-ДПМНЕ останува со 58 пратеници, Европскиот фронт и Коалицијата за европска иднина имаат по 18 пратеници, ВЛЕН со 14 пратеници, додека ЗНАМ и Левица по 6 пратеници.

Сертификати добија 118 пратеници, а уште 2 ќе бидат заверени откако ќе завршат сите рокови за приговори. Првиот човек на Собранието, Јован Митревски, најави дека во координација со сите парламентарни партии, конститутивната седница на новиот состав на Собранието ќе се одржи 28 мај. Со седницата ќе претседава најстарата пратеничка, Мерита Колчи Коџаџику.

По конституирањето, партијата која освоила најмногу гласови, треба да го добие мандатот за формирање на новата влада. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека тоа ќе се случи во втората половина на јуни. Пратеникот Антонио Милошоски денеска на мрежата Х објави дека до 20 јуни се очекува формирање на новата влада, најверојатно меѓу ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button