Фетаи: Не сум компетентен да ги коментирам наводите за поткуп на Геријатрија

Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, вели дека прашањето за наводниот скандал со директорот на Геријатрија, Мухсин Арифи, кој според известувањето на Обвинителството примил поткуп од 20 илјади евра за да прими пациент во болница, не е во рамките на неговите надлежности.
„Прашањето за наводниот поткуп од страна на директорот на Геријатријата не е во моја надлежност како вицепремиер. Јас се грижам за политичка координација на државните активности во борбата против корупцијата и за добро владеење. Одговорни институции тука се, се разбира, Обвинителството, органите на редот и правдата“, вели Фетаи.
Улогата на Фетаи во Владата, покрај следењето на принципите за добро владеење, одговорност, отчетност, чесност и инклузивност, е и соработката меѓу институциите за зајакнување на борбата против корупцијата преку планови и формирање на посебни групи. Позицијата што Фетаи ја држи денес е промовирана во јануари 2022 година, со цел да се создадат и поддржат антикорупциски политики, бидејќи години наназад се клучни во извештаите на домашните и меѓународните организации.
Фетаи изјави дека што се однесува до партискиот пристап, тие го направиле она што требало да го направат и го суспендирале до завршувањето на судскиот процес.
„Тоа што ние како политичка партија сме направиле е што веднаш по апсењето на директорот, како политичка партија ја повикавме Комисијата за етика во рамките на партијата и го суспендиравме истиот до конечната одлука. Сега чекаме конечна судска одлука во врска со овој случај, почитувајќи ја презумпцијата на невиност“, додава Фетаи.
Директорот на геријатрија Мухсин Арифи доаѓа од партијата Алијанса за Албанците, чиј лидер Арбен Таравари е министер за здравство, додека другиот функционер Арбен Фетаи е вицепремиер за добро владеење. Арифи заедно со уште едно лице беа уапсени по пријава во полиција дека побарале поткуп од 100.000 евра за хоспитализирање на пациент. Според Обвинителството, Арифи го побарала поткупот откако претходно добил информација за финансиската состојба на пациентот. Тој предложил да се продаде имотот на пациентот за да се плати поткупот, но кога сфатил дека такво нешто не може да се направи, Арифи се согласил првично да се дадат 20 илјади евра, а потоа, доколку се најде дополнителен имот, да се обезбеди имотот. Човекот на Арифи бил фатен во автомобил како ги зема парите во кеш.
Суад Бајрами