ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Реформите во евроинтеграциите треба да почнат од Обвинителството и Судството

Реформите во врска со евроинтеграциите треба да почнат од обвинителството и судството, порача премиерот Христијан Мицкоски на дебатата организирана за реформската агенда и планот за раст во Владата. Тој рече дека владата има неколку услови да исполни; деполитизација на судството, заштита на обвинителите и судиите од политички и бизнис притисоци и создавање механизми за надзор и одговорност.

Advertisements

Земјата има рок до јуни да спроведе дел од првичните реформи во судството, во кои е вклучен и новиот закон за Судски совет. Засега законот не е готов. Министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани вели дека нема точни показатели со кои може да се предвиди кои реформи ќе ги пробијат роковите за спроведување предвидени во Реформската агенда.

„Реформите  бараат поширок општествен консензус и тоа значи повеќе време за усогласување. Тоа не значи дека има одложувања поради некоординација туку дека тие процеси  бараат повеќе време. За сите чекори што нема да се завршат навреме, има рок од 12 месеци токму поради оваа причина“, рече Муртезани.

Дебатата беше во рамките на проектот Поддршка на интеграцијата на земјава во Европската Унија, финансиран од Шведска, Швајцарија и Министерството за европски интеграции.

„Голем дел од средствата обезбедени преку оваа финансиска помош се директно поврзани со спроведувањето на реформите во владеењето на правото, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, подготовката на земјата за членство во ЕУ. Реформската агенда го става фокусот на секторите важни за граѓаните“, рече Ами Ларсон Џаин, Амбасадорка на Шведска.

Меѓународните претставници  повикуваат на зајакнување на цивилниот сектор и медиумите и нивната надзорна улога во работата на власта.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button