ЗДРАВСТВО
Филипче: Можни рестриктивни мерки за невакцинираните ако се влоши состојбата

Зголемениот број на новозаразени пациенти се должи на зачестените патувања и годишни одмори, но не можеме да бидеме сигурни дали овој тренд на пораст ќе продолжи и понатаму, вели министерот Венко Филипче во изјава за Телма.
“Системот е целосно подготвен да се справи со евентуален нов бран, но мора сите да знаеме дека не можеме да живееме со рестрикции. Мора сите да се вакцинираме за да се врати нормалното функционирање на сите животни процеси, на економските субјекти, угостителските објекти, на местата за масовни собири. Граѓаните треба да знаат дека токму на такви места може да им биде побаран сертификат за имунизација или негативен ПЦР тест, бидејќи ние мора да го заштитиме населението, а притоа нормално да функционираат институциите и економијата”, изјави тој, додавајќи дека со вакцината која ја имаме на располагање и со која можеме да се заштитиме, имаме можност да ги избегнеме истите рестриктивни мерки кои беа на сила минатата година.