ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Францускиот предлог го помина првиот филтер во Бугарија

Францускиот предлог го помина првиот филтер во Бугарија

Францускиот предлог со 11 гласови „за“ беше усвоен во собраниската Комисија за надворешна политика, а следува во најскоро време да се најде и на пленарна седница. Предлогот на Макрон, ќе се најде пред пратениците со само една измена, предложена од пратеникот Христо Иванов.

„Нашиот предлог е да вклучиме референци во заклучоците на Советот, за да имаме гаранција дека во рамката, која Бугарија директно ќе ја гласа, ќе имаме можност да контролираме она што е исполнето од Република Северна Македонија“, изјави Христо Иванов – претседател на ДБ.

Од партиите кои и онака истакнаа дека нема да го поддржат францускиот предлог, велат дека е непотребно Софија да се изјаснува.

„После изјавата на македонскиот премиер јас не знам овие напори што ги правиме во моментов зошто се, бидејќи тие јасно кажаа дека сакаат јасна дефиниција за македонскиот јазик и ги отфрлаат историските прашања“, рече Тошко Јорданов – пратеник од ИТН.

„Сметам дека не треба да избрзуваме во интерес на државата, бидејќи и така спротивната страна не го прифаќа францускиот предлог“, нагласи Георги Михајлов – пратеник на БСП.

Расправата во Комисијата започна со сослушување на шефицата на дипломатијата во оставка, Теодора Генчовска. Таа кажа дека билатералниот Протокол меѓу двете земји отстапува од Рамковната позиција на Бугарија, па затоа биле барани гаранции од Европската унија. Споделувајќи детали, таа додаде дека Софија не може да го признае македонскиот јазик, па затоа ќе даде своја унилатерална изјава за јазикот, бидејќи во преговарачката рамка, за македонскиот јазик нема никакви дополнителни одредници, што исто така не е во согласност со бугарски позиции.

„Не е реално да се очекува дека нашата земја е во можност да ги убеди и сите останати земји-членки на ЕУ да го поддржат нашиот став. Северна Македонија предвидува да ја усвои преговарачката рамка во својот Парламент и затоа за нив е од големо значење да нема никакви коментари за македонскиот јазик, во наводници, во преговарачката рамка, за што има поддршка од голем број земји-членки на ЕУ“, изјави Теодора Генчовска – министер за надворешни работи на Бугарија.

Инаку, наредната пленарна седница во бугарското Собрание е закажана уште во девет часот изутрина, каде се очекува францускиот предлог да се најде на гласање. Партиите кои рекоа дека би гласале „за“ бројат вкупно 176 пратеници.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button