ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Го најавуваа со фанфари, но денеска не почна чистењето на линданот од ОХИС

Стартот на чистењето на линданот од Охис не почна денеска како што претходно најави министерот за животна средина, Насер Нуредини. Времето било премногу топло и немало посебен шатор за обезбедување на локацијата. Денеска беше само претставен планот како ќе се одвива процесот.

Во двете депонии во поранешниот хемиски гигант Охис има 59.000 тони опасен отпад. Малата депонија од 7.000 тони лидан ќе почне да се чисти, но, прво треба да се постави специјализиран шатор над локацијата. Тој допрва ќе биде донесен од Италија. Во малата депонија линданот и другите хемикалии се длабоки еден метар и 70 сантиметри, а под нив не се знае уште колку почвата е дополнително загадена. Процесот за чистење ќе го води фирма од Грција.

„Ќе има специјални единици за филтрација, за негативна филтрација на самата локација. Посебна респираторна заштита ќе им биде обезбедена на сите работници и сите овие технологии ќе бидат имплементирани во согласност со највисоките стандарди“, рече Костас Цирикос, Фирма за чистење на линданот.
Министерот Нуредини изјави дека започнува елиминацијата на една еколошка жешка точка во државата.

„Сите треба да бидеме свесни дека ова е многу опасно за сите, како што знаеме, со оваа проблематика веќе се соочуваме 40 години во нашиот град…“, изјави Нуредини.

Малата депонија ќе се чисти цела година. Почвата и линданот ќе бидат изнесени надвор од земјава на уништување. Линданот ќе заврши во Франција, а земјата во Холандија. За чистењето ќе се платат околу 8 милиони евра. Од државната каса ќе се потрошат 1,7 милион евра, а другите се донации. За чистење на големата депонија, која е веднаш до малата и во која има 52.000 тони опасен отпад, допрва ќе се бараат пари.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button