ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Гори депонијата Буково, смрдеа и чад низ Охрид среде туристичка сезона

Запалена е депонијата кај Буково меѓу Охрид и Ресен, па во делови на градот се чувствува неподносливата миризба и се гледа чад. Магла од пожарот има долж охридската котлина и на патот кој води кон Ресен. Особено тоа е присутно во раните утрински и вечерните часови. Некои од домаќинствата во Охрид велат дека воздухот во нивните населби е екстремно загаден.

„Да, се чувствува. Има неколку дена има некоја миризба. Не можеш да отвориш прозори. Чувствуваме мирис на горено, на чад“…

„Депонијата во Буково се чувствува, но во зависност од времето. Со промена на времето слегува чадот. Смета, не смета – мора да се живее. Апел до институциите, веројатно има некои што може да преземат нешто, да се сопре ова“, реагираат граѓаните.

Загрижени се и жителите на околните охридски села кои се наоѓаат во близина на депонијата. Бараат трајно решение на проблемот.

„…За странските гости тоа е несфатливо за нив. Во 21 век ти да гледаш како депонија гори. Најавуваме и блокади, па нека се мислат, отпадот нека оди во езерото“, изјави Горан Анѓелоски, Претседател на месна заедница во село Куратица.

Од јавното претпријатие Охридски комуналец велат дека проблемот со Буково трае веќе дваесет години. Фирма избрана на тендер се грижела за одржување на депонијата, но проблемот бил друг.
„На самата депонија неовластено престојуваат лица кои таму собираат пластика, железо, бакар… Ние секојдневно пријавуваме дека тие лица се на депонијата и предизвикуваат општа опасност и за животната средина и за самото население, затоа што тие палат таму огнови“, рече Љупчо Грданоски-директор на ЈП Охридско комуналец.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека неделава ќе извршат контролен надзор. Во депонијата Буково секојдневно се одлагаат и по 90 тони смет. Таа и дивата струшка депонија, требаше да бидат затворени до 2020 година според барањата на УНЕСКО, но тоа не се случи.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button