ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Грковска со апел до функцинерите: Да прават разлика меѓу партиски и државни активности

Функционерите ги користат последните денови за присуство на промотивни настани. Во пресрет на почетокот на предизборната кампања вицепремиерката Славица Грковска повика нејзините колеги да не ги повторуваат практиките од изминатите изборни циклуси. Тогаш антикорупционерите констатираа злоупотреба на државни ресурси и особено државни возила во партиски цели. Но, неофицијално истражните органи досега немаат изречено ниту една пресуда кон функционери за ваков тип на прекршување на законските правила.

„Треба да прават разлика меѓу партиски и државни активности и не смее да се употребуваат државни ресурси за во партиски цели и намени во текот на кампањата“, рече Грковска.

Изминативе години најчести се пријавите за злоупотреба на државните ресурси од страна на функционери на ДУИ, но тие најчесто завршуваат само со опомена. Грковска смета дека опомените се доволни за да влијаат на свеста и однесувањето на нејзините колеги функционери.

„Се надевам дека сите постапки што сме ги имале и опомените што сме ги дале во таа насока, ќе бидат едно предупредување за останатите за тоа како и на каков начин треба да се однесуваат овој период“, додава Грковска.

Претходно, антикорупционерите посочија дека строго ќе ги следат активностите на функционерите овој период и потсетија дека постои забрана за најава на нови инвестиции и други активности. Институциите пак си ја префрлаат топката за тоа кој да им даде совет на функционерите како да се однесуваат. Во Државната изборна комисија денеска побарал мислење заменикот дополнителен министер за земјоделие Трајан Димковски, за мислење во врска со активности што ги спроведува Министерството.

Од ДИК одговорија дека тие можат да дадат мислење, меѓутоа надлежна институција за ова била Антикорупциската комисија. ДКСК пак во последно известување категорично нагласија дека тие немаат надлежност да даваат мислења за начинот на постапување на државните органи во предизборието.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button