ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Газдата на Беса-транс изрази сочуство до семејствата на загинатите

Игор Стефановски

Обвинителството истражува како работела „Беса Транс“. По сослушувањето во бугарското обвинителство, газдата на оваа транспортна компанија Беким Хаџиу, за првпат по трагедијата синоќа коментираше на „Фејсбук“ и изрази сочувства на семејствата на загинатите. Хаџиу напиша:

„Алах да им даде рај на починатите, а на повредените што поскоро закрепнување. Овие зборови ги кажувам со жалење и со повредено срце. Тие беа исто така наше семејство, бидејќи секогаш кога патувавме и патниците ги сметавме за фамилија. Четири дена бевме заедно во Истанбул и забележав дека повеќето и порано доаѓале со нас на тури со нашите автобуси за Истанбул. Овие тестови се од Алах и верувам дека се прифатени од секој верник, неговата волја не може да биде променета ни за минута и бараме од Алах никого да не тестира“, напиша Беким Хаџиу, газда на „Беса Транс“.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ побара да се утврди одговорност за тоа што иако автобусот на „Беса Транс“ немал дозвола за превоз на патници ја поминал границата на земјава. Оваа трагедија, смета ВМРО ДПМНЕ ја покажува нефункционалноста на системот.

„Дали коалицијата СДСМ/ДУИ е поважна од животите на граѓаните? Јавноста треба да добие одговор дали е вистина дека директорот Хусеини од декември 2020 година нема дадено налог за инспекциски надзор на граничниот премин Деве Баир додека пак на другите гранични премини како Табановце, Блаце, Ќафасан и Богородица биле извршени редовни надзори од страна на инспекторите?“, изјави Марија Митева, портпаролка на ВМРО – ДПМНЕ.

Изгорениот автобус на „Беса Транс“, 135 пати ја поминал границата на Македонија и тоа без да има дозвола за превоз на патници во и надвор од земјава. Обвинителството веќе ја зема целата документација за работата на „Беса Транс“ и доколку утврди вмешаност на било кого во овој случај ќе отвори постапка за гонење. /Алсат.мк

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button