ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И годинава нема да успееме да ја вратиме економијата каква што беше пред пандемијата

Економијата годинава ќе порасне за 3,9 отсто, прогнозира Народната Банка. Растот е солиден, но нема да се врати состојбата како пред пандемијата посочува гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. За тоа, ќе треба уште многу работа. Веќе идната година растот на Бруто домашниот производ би можел да надмине четири отсто. Домашната побарувачка и личната потрошувачка според анализата на централната банка ќе бидат главни двигатели на економскиот раст.

„Во рамки на домашната побарувачка најголем позитивен придонес се предвидува од инвестициите кои по високиот пад од 10 отсто минатата година се очекува да растат во просек оваа и наредната година за околу 9,4 насто. Ова е ќе биде резултат на очекуваниот раст на странските директни инвестиции и интензивирање на домашните и приватните инвестиции при постабилен амбиент на натамошна солидна кредитна поддршка.“

Од Народната банка очекуваат и стеснување на дефицитот и за годинава го проектираат на ниво од 2,9 отсто, за до 2023 година да се намали на 2,1 отсто. Со експанзивната фискална политика лани дефицитот драстично се зголеми над осум отсто,  а со тоа неминовен беше и растот на јавниот долг, вели Гувернерката. Јавниот долг порасна за 10 процентни поени и достигна 62,5 отсто од Бруто домашниот производ. Како ќе движи јавниот долг на среден рок Бежоска вели дека тоа зависи од фискалната консолидација на земјава. Лани македонската економија забележа пад од 4,5 отсто. На глобално ниво, годинава, според проекциите на ММФ, економијата ќе расте за шест отсто. Имунизацијата и побрзото опоравување од очекуваното на најсилните светски економии ги зголемија надежите на монетарците дека оваа криза сепак ќе биде со помали ефекти од онаа во 2008 – та година.

Ile Petrefski

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button