ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Истрагата против Жан Митрев ќе заврши до крајот на годината

За два до три месеца се очекува да заврши истражната постапка која скопското обвинителство ја покрена против Жан Митрев. Од ова Обвинителство брифираат дека веќе се сослушани повеќе од 80 проценти од пријавените како оштетени. Првиот човек на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, на брифинг со новинарите кажа дека на истрагата во моментов засилено работат финансиски, но и компјутерски истражители.

Во меѓувреме, покрај тоа што му е одземен пасошот, директорот на Клиниката „Жан Митрев“ дал и дополнителна гаранција дека нема да избега додека трае истрагата. Уште кога бил осомничен, тој на сметката на судот депонирал еден милион евра. Доколку против него се покрене обвинение и евентуално се утврди вина, неофицијално оваа сума би можела да покрие значаен дел од финансиската штета, уплатена за лекување на починатите пациенти во клиниката.

Обвинителството против Жан Митрев пред месец и половина покрена истрага за кривично дело – измама, наведувајќи дека осомничениот прибавил противправна имотна корист и со лажно прикажување факти ги довел во заблуда пациентите лекувани од Ковид-19 со метод на хемофилтрација.

Од Клиниката пак, соопштија дека ќе соработуваат во истрагата, додавајќи дека хемофилтрацијата е препорачан и медицински оправдан метод. Сепак, како што тогаш објавено во истражувачката сторија на ИРЛ, за употребата на оваа метода клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД.
Инаку, како што неодамна изјави министерот за здравство Беким Сали, кај нив постојат податоци за 620 пациенти лекувани со хемофилтрација во приватната клиника „Жан Митрев“.

Министерот Сали формираше и специјализирана комисија која треба да ја испитува оправданоста на оваа метода, но и наводите за интрахоспитални инфекции во клиниката. Засега резултати се уште нема, иако беа најавени за почетокот на октомври.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button