ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Истражување, побогатите повеќе загадуваат

Домаќинствата кои имаат месечен буџет од над 40 илјади денари се поголеми загадувачи на животната средина отколку оние кои живеат со пониски примања. Истражувањето на Македонската платформа против сиромаштијата покажува дека побогатите семејства не водат премногу грижа за потрошената струја во домот, а тоа резултира со поголемо количество на отровни супстанци во воздухот отколку оние граѓани кои не можат да си дозволат да купат ниту дрва за греење, па во печките ставаат што ќе најдат. Образложение за овој податок е тоа што најголемиот дел од електричната енергија во Македонија се произведува од фосилни горива. Истражувањето опфаќа домаќинства кои имаат до 25 илјади денари, од 25 до 40 и над 40 илјади денари месечен буџет.

„Кај оние до 25 илјади тоа не е една група на луѓе и во неа има група која воопшто нема пристап до никаков извор на енергија и тие се оние популарни во кои вперуваме прст – тие најмногу загадуваат, горат гуми и шишиња. Потоа се оние со многу долгови и немаат можност постојано да користат енергија, се греат исто така како ќе стигнат. Во третата категорија над 40 илјади денари имаме граѓани кои имаат, можат и трошат. И пари и енергија и тие се најголемите загадувачи, поради тоа што тоа го прават по избор, а не по неможност и кај нив треба да се влијае на свеста за подобрување на навиките“, вели Билјана Дуковска, Македонска платформа против сиромаштија.

Идејата на ова истражување, според активистите, нема за цел да се даде препорака какви материјали и енергенси да се користат, туку да се види како граѓаните ги менаџираат сопствените навики поврзани за греење и ладење во домовите, поврзани од аспектот на животната средина. Апелот од невладината организација до властите е во иднина мерките за енергетска сиромаштија и зачувување на животната средина да не ги опфаќа само семејствата со ниски примања, туку да има кампањи и за поимотните.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button