ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Македонија е против руските референдуми во Украина

Македонија нема да ги признае референдумите од истокот на Украина. Министерот Бујар Османи вели дека ние не сме неутрална страна, туку сме директно загрозени од уривањето на меѓународните принципи кое доведува до, како што вели, „правила на џунглата“. Шефот на дипломатијата повтори дека Русија извршила агресија во Украина, но и агресија над меѓународното право.

„Тоа се манипулативни референдуми кои имаат за цел да создадат лажно алиби за анектирање на окупирани територии на соседни држави и ние нема да признаеме такви референдуми, ниту резултати од такви референдуми“, рече Османи.

Османи вели дека преку нарушувањето на безбедносната структура и интегритетот – и земјава е во опасност, како и сите мали држави, поради можноста во иднина некој поголем сосед да го следи примерот на Москва организирајќи референдуми за анексија. Тој сподели дека е загрижувачко што значаен процент од македонските граѓани ја поддржуваат руската страна.

„Да се биде на страна на руската агресија во Украина е да се биде против сопствените државни и национални интереси. Мислам дека тука имаме сериозен проблем во општеството во коешто дозволивме граѓаните да потпаднат на таква пропаганда“, додава Османи.

Министерот Османи исто така додаде дека е опасно што во јавниот дискурс сè почесто се споменува терминот „нуклеарна војна“. Тој вели дека психолошката бариера за споменување на овој израз во дневната политика е веќе помината, што нè доведува чекор поблиску до таква можност и за тоа треба да бидат алармирани сите.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button