Јавна расправа на кандидатите за нови членови на Советот на ААВМУ
На собраниската комисија за избори и именувања, кандидатите за членови на Советот на Агенцијата за медиуми, еден по еден ја презентираа својата биографија и каков ќе биде нивниот придонес. Пратеничка Илире Даути од Алијанса за Албанците, во своето обраќање на почетокот на јавната расправа, посочи дека одредени кандидати не треба да бидат на листата и повика истите од морални причини да се повлечат.
„Дали знаете дека Нафије била кандидат за градоначалник на Град Скопје? Дали знаете дека Нафије беше кандидат за советник во општина Чаир, па дури и беше избрана за советник? Дали знаете дека Нафије беше рамноправен кандидат со мене, што денес сум тука како пратеник на последните парламентарни избори, како кандидат на Алтернатива на листата ВРЕДИ?“, рече Даути.
Иако кандидатката Нафије Селмани имаше право да и одговори на пратеничката Даути во комисијата, таа не го стори тоа. Откако излезе надвор, на инсистирање на новинарите, таа ја негираше својата инволвираност во политичка партија со презентирање на документи од Централниот регистар и од партијата Алтернатива, дека никогаш не била дел од нејзините органи на управување.
„Секогаш сум имала улога и ангажман во таа партија како советник за медиуми или односи со јавноста. Сепак, никогаш не сум била во ниту едно раководно тело, ниту во партијата Алтернатива, а и во ниту една партија која функционирала од плурализмот во последните 30 години, никогаш не сум била во ниту едно раководно тело“, рече Селмани.
Но, фактите од минатото зборуваат поинаку. Нафије Селмани, на изборите на 24 мај, беше кандидат за пратеник во првата изборна единица, на шестото место на коалициската листа. Пред тоа, во 2020 година, тогашниот шеф на Алтернатива Африм Гаши, на средба со тогашниот амбасадор на Франција на 4 март, објави дека состанокот се одржал заедно со членот на централното раководство на партијата, Нафие Селмани. Запрашана за ова, Селмани рече дека не знае кој управувал со веб-страницата на Гаши во тоа време. Селмани беше и кандидатка за градоначалник на Град Скопје во 2017 година, од Движењето Беса, но и советник во општина Чаир на локалните избори во 2021 година, од редовите на Алтернатива. Покрај Салмани, имаше критики и за Афрона Вервизоли. Таа стана позната во јавноста во август, кога Владата ја назначи за главен ревизор на ИПА фондовите на предлог на Алијансата за Албанците, крилото на Таравари, но за многу кратко време беше разрешена бидејќи не поседуваше сертификат.