Палчо чувал пиштол во седиштето на партијата во Кисела Вода
Добив информација од родител од класот на Вања дека нејзиниот татко испратил порака во родителската вибер група со содржина – Ќе дадеме колку пари треба, вратете го девојчето, сведочеше денеска пред судот Маја Спирова, прва братучетка на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска. Спирова објаснуваше на кој начин учествувала во потрагата, зборуваше и дека Александар постојано помагал обезбедувајќи видео снимки, но според одбраната тврдењето на Спирова за содржината на пораката која ја испратил Александар, не кореспондира со реалноста.
„На прашање на одбраната сведокот потврди дека таква порака не прочитала и такви сознанија добила од еден од родителите. Па сега ако се земе предвид дека во Вибер групата била од околу 30 родители, многу природно било да доколку постоела порака со вознемирувачка или био каква чудна содржина, нормално би било да иако е избришана некој од родителите да ја продолжи комуникацијата со Александар“, рече Владимир Туфегџиќ, адвокат на обвинетиот Александар Ѓорчевски.
Покрај Спирова, пред судот денеска сведочеа и сопружниците Лита Ќириќ и Ѓорѓи Џолев, кој е член и еден од основачите на Десна. Во својот исказ тие истакнаа дека возилото „рено кангу“, кое според обвинителството го возел првоосмничениот Љупчо Палевски откако Вања била грабната со велешкиот цитроен, тие и го донирале на партијата бидејќи живееле во странство и не го користеле. Џолев ги објаснуваше односите во партијата и кажа дека секогаш му било чудно тоа што обвинетите Влатко Кешишов и Велибор Манев секогаш имале поданички однос кон Палевски.
„Ми беше чуден нивниот однос, беше поданички. Кога им зборуваше Палевски на висок тон, тие не возвраќаа, не влегуваа во расправија. Јас постојано за многу теми се карав со Палевски, додека тие постојано како да му се умилкуваа“, рече Џолев.
Џолев рече и дека Палевски поседувал пиштол, за понатаму сведокот Кристијан Плотников, исто така член на ДЕСНА да обелодени пред судот дека Палевски имал дозвола за поседување на пиштол и го носел во своја одбрана, бидејќи пред да го набави бил нападнат пред својот дом. Последен пред судот исказ даде Васко Стојков, адвокатот кој го однел во Белград Љупчо Палевски само неколку дека откако според обвинителството Палевски ги извршил кривичните дела.
Палевски барал да оди на лекување во Белград па во Турција, а Стојков само го однел во Белград. Откако Стојков се вратил во Белград нивната комуникација продолжила и во периодот кога е вршен претрес во партијата Десна и тогаш Палевски му рекол дека некој се обидува да го намести за убиствата.
„Ми се јави Палчо и беше зачуден кога му кажав дека се врши претрес во политичката партија. „Му реков: Василе, што е ова? Ти си веќе осуден во медиумите. Му кажав дека мора да се врати и да даде изјава. Тој ми одговори: знаев дека ќе ме наместат“, рече Васил Стојков, адвокат кој го однесе Палевски во Белград.
Стојков рече дека пораките и повиците од Палчо продолжиле, но полицијата не му дозволила да одговори. Понатаму веќе бил приведен Кешишов кој ја однел полицијата до телото на Вања. Стојков го опиша односот со Палевски како близок и рече дека му позајмил околу 20 илјади евра, кои Палевски потоа му ги вратил. Следното рочиште со испрашување на сведоци е закажано за два дена, на 15-ти ноември. Панче Жежовски беше пријавен за исчезнат на 24 ноември лани, а малолетната Вања на 27 истиот месец. Беа пронајдени мртви по шест дена интензивна потрага во близина на Скопје и Велес.
Михајло Донев