ЗДРАВСТВО

Како да го подготвите вашето дете за градинка?

Процесот на приспособување во градинка го поминува секое дете. Колку ќе трае тој период, зависи од подготовката, но и од генетиката.

Advertisements

Тргнувањето на детето во градинка е голем чекор во неговата независност. За него, тоа е и многу стресна ситуација бидејќи првпат запознава нова средина, возрасни непознати лица, поголем број врсници, нова храна и секојдневна рутина.

Што треба да имаат предвид родителите при запишувањето на детето во градинка и како да ја направат градинката омилено место на детето додека мама и тато се на работа, објаснува претседателката на Здружението на белградски воспитувачи, Снежана Станковиќ.

– Важно е да се знае дека не постојат правила. Секако дека се работи за добра подготовка за градинка, но и за генетика. Имено, некои деца се подружељубиви, побрзо се дружат и полесно се вклопуваат во нова средина, додека има деца на кои тоа им оди потешко – објаснува воспитувачката.

Искреност

Потешката адаптација најчесто се забележува кај децата чии родители не ја кажуваат вистината. За да го задржат детето во градинка, го залажуваат дека само малку ќе си игра, а мама и тато за брзо време ќе дојдат да го земат или дека се во близина и го гледаат. Ова дете постојано ги чека родителите, па не може да ужива во играта. Затоа, повеќе ќе помогне ако во таа ситуација мама му каже дека мора да оди на работа и дека ќе го земе по ручекот или по спиење. Детето сè уште нема поим за времето, но одењето дома е поврзано со времето од денот по одредени активности во градинката.

Прв ден во градинка

  • Негодувањето на детето е очекувано и нормално;
  • Потрудете се баш вие да го однесете и да го земете;
  • Не заминувајте без да му кажете чао, но и не останувајте долго време;
  • Пристигнете во договореното време за земање;
  • Дајте му на детето доволно време да ја надмине болката поради разделбата;
  • Поминувајте повеќе време со вашето дете дома во активности во кои ужива;
  • Ако не сака, не инсистирајте да разговара со вас за градинката.

Запознавање со просторот

Пред да тргнат во градинка, важно е децата да го запознаат просторот каде што ќе престојуваат. Добро ќе дојдат приказните дека градинката е убаво место каде што детето ќе стекне многу пријатели и ќе си игра со нив.

Родителска средба

Пожелно е со почнувањето на детето во градинка да се одржи родителска средба на која воспитувачките ќе се запознаат со навиките на децата, а родителите ќе стекнат доверба во личностите на кои ќе им ја доверат грижата и воспитувањето на своето дете.

Важно е да останете доследни

Експертите сметаат дека најтешката задача на секој родител е да остане доследен во воспитувањето на своето дете, односно да истрае во тоа. Децата се љубопитни, тие се суштества кои тешко се согласуваат со „не“, лесно манипулираат со постапките на постарите, особено кога постојано им се угодува. Како што возрасните реагираат на промена на средината, така реагираат и децата – кога одат во градинка, тие покажуваат реакција на свој начин: со плачење, лутење, одбивање храна или социјални активности, опаѓање на имунитетот… Сепак, ова не значи дека родителот треба да престане да го носи детето во колективот. Децата се навикнуваат на градинка само ако редовно одат.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button