ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Касами: Одлуката за стадионот е донесена по диктат на Груби

Одлуката на Владата за стопирање на работите за изградба на стадионот во Тетово предизвика низа реакции. Првиот човек на општината Билал Касами рече дека постапката за градба е во согласност со законот. Според Касами, одлуката на Владата е донесена по диктат на Груби, бидејќи според него сакале да го дадат објектот на коцкарска компанија.

Касами вели дека наместо Владата предводена од техничкиот премиер Талат Џафери финансиски да ја помага изградбата на стадионот, таа одобрува одлуки на штета на Тетово и на граѓаните на Тетово.

„На сите граѓани и институции им гарантирам дека сите процедури се засновани на закон, стадионот е даден на трајно користење на општина Тетово. Не ја менуваме дестинацијата, не го рушиме стадионот, туку таму градиме нов стадион со што ќе се зголеми вредноста на државниот имот со кој стопанисува општина Тетово. За жал, имаме основани сомнежи дека оваа власт во заминување под притисок на Артан Груби сакала да го даде објектот на стадионот Тетово на коцкарница, за да стане казино“, рече Касами.

Во одлуката на Владата за стопирање на работите на стадионот, стои дека општината го дала стадионот на Јавното претпријатие „Тетово транспорт“.

„Владата при донесувањето на заклучоците од состанокот ги зеде предвид и одредбите од Законот за користење и располагање со државниот и општинскиот имот, според кој овластување, да дозволи трајно користење и да утврди престанок на правото на користење, има само Влада на Република Северна Македонија“, наведуваат од Владата.

Но, за ова Касами возврати дека „Тетово транспорт“ е должна само да го изгради стадионот и дека не е даден на користење.

„Не сме ја промениле сопственоста на стадионот, општина Тетово е сеуште корисник. Претпријатието е обврзано да го обнови стадионот, по сите процедури распишан е огласот и тендерот. Истото поминало и на Бирото за јавни набавки.“, рече Касами.

Владата вчера најави дека ќе му препорача на Уставниот суд да ја забрза постапката за поднесената иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на постапките поврзани со стадионот во Тетово. Од Уставниот суд за Алсат велат дека предметот е во фаза на претходна постапка.

„По поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд оформи предмет и го даде на судија и советник. Работата е во фаза на претходна постапка и се постапува согласно процедурите од правилникот. Поднесено е барање и до општина Тетово како одобрувач на актот, се прибираат сите потребни податоци. Предметот треба да се работи, но според Уредбата, Судот секогаш при собирањето информации за предметот, меѓу другото, бара мислење и од органот што ја одобрил одлуката. Кога ќе биде на седница, ќе го објавиме предметот“, велат од Уставен суд.

Инаку, активностите за изградба на стадионот започнаа во април, а проектот кој ќе ја чини општината 10 милиони евра, треба да биде готов за три години..

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button