ВЕСТИЗДРАВСТВО

Клиничкиот центар остана без 400 приватни специјализанти

Од денеска повеќе од 400 приватни специјализанти на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ нема да одат на работа. Нема да имаат дежурства и нема да работат во амбулантите. Така ќе остане сè додека не добијат писмени гаранции дека нивните барања ќе бидат исполнети. Станува збор за зголемување на платите до ниво на просечна плата, наместо сегашните 26 илјади денари. Бараат здравствено и пензиско осигурување и решавање на статусот на невработените лица.

Министерот за здравство Илир Демири, смета дека реакцијата на приватните специјализанти во овој момент е политички мотивирана, посочувајќи со прст кон опозицијата. Тој сепак, најави дека за нивните барања ќе се расправа на следната владина седница утре.

„Не велам дека е идеално, но имаат значително подобра позиција отколку пред 2017 година. Мојата тенденција и посветеност, поради што ја презедов обврската да ја презентирам на владина седница, ќе биде да ги израмнам со специјализантите вработени во државните институции. Но, треба да знаете дека тоа не е без политички поттик, без политичка позадина. Тоа сигурно не е избрзано од страна на владата“, рече Демири.

Специјализантите протестираа и на 27 март, кога акцентот го ставија на потребата од здравствено осигурување. Се пожалија дека поради нерешениот статус мора сами да плаќаат придонеси од и онака ниските 26 илјади денари.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button